Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди продолжена дискриминација врз студентите од приватните универзитети извршена од Град Скопје во процесот за користење на правото на бесплатен јавен превоз.
Подносител на претставката е студентка на приватен универзитет која се пожалила дека е дискриминирана затоа што нема исто право на бесплатен јавен превоз како нејзините колеги од државните универзитети.
„Во конкретниот случај, Град Скопје со обезбедувањето на бесплатен превоз само за студентите од државните универзитети во подолг временски период, создале услови за исклучување, разликување и оневозможување студентите од приватните универзитети да ја користат таквата услуга под еднакви услови со другите, што претставува директна продолжена дискриминација, која cè уште трае“, се надведува во мислењето на КСЗД.
Претседателката на студентското собрание при Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Мила Петрушевска која е подносител на претставката до КСЗД вели дека е задоволна од ставот на Комисијата оти ѝ се враќа надежта дека овој проблем некогаш ќе се реши.
„Од овој момент, мрднавме од мртва точка со овој можеби навидум мал потег но е од огромно значење за сите нас засегнати студенти поради тоа што се дадени рокови во кои ќе мора истите препораки да се испочитуваат, а во спротивно ќе се поведе прекршочна постапка“, смета Петрушевска.
Во одлуката добиена преку барање за информации од јавен карактер од Радио МОФ, Комисијата наведува дека и Владата имала извршено дискриминација.
„И Владата на Република Северна Македонија со донесувањето на горецитираните Одлуки со кои го задолжиле МОН да изврши трансфер од нивниот буџет на сметка на ЈСП Скопје со намена да се покријат дел од трошоците на јавното претпријатие за обезбедување на беспатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети за академските 2020/2021 и 2021/2022 година, создале услови за нееднаков третман на студентите од приватните универзитети во пристапот до користење на бесплатен превоз на еднаква основа со другите, што исто така претставува дискриминација“, соопштуваат од таму.
Тука се додава дека ваквата дискриминаторска практика на Владата траела две години, но завршила со завршувањето на буџетската 2022 година и не продолжила во тековната академска 2022/23 година со што ваквите прописи веќе не произведуваат дискриминација.
Иако во претставката како предизвикувач на дискриминацијата е наведено Министерството за образование и наука, Комисијата не утврдила одговорност кај МОН затоа што постапувале по одлука на Владата.
По донесеното мислење КСЗД препорачува до градоначалничката Данела Арсовска да иницира измени и дополнувања на Одлуката за давање на субвенција на ЈСП Скопје со кои ќе се утврди правото на бесплатен превоз и на студентите запишани на приватните универзитети.
„Соодветно на тоа ќе се обезбедат средства за бесплатен превоз на сите редовни студенти на додипломски студии од државните и приватните универзитети за 2023 година, со цел отстранување на повредата на правото на еднаквост, во рок од 60 дена од добивањето на ова Мислење и за тоа писмено да ја извести Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, упатуваат од КСЗД.
Во документот од Комисијата стои и препорака до Град Скопје во иднина да го почитува правото на еднаквост во процесите на креирање и реализација на мерки и политики, при извршувањето законските надлежности според Законот за локална самоуправа и Законот за Град Скопје.
Доколку не се почитува дадениот рок, повикувајќи се на Законот за спречување и заштита од дискриминација, КСЗД информира дека е надлежна да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.
Петрушевска вели дека иако мандатот ѝ е пред истекување, ги охрабрува колегите да бидат трпеливи уште малку бидејќи, како што потенцира, правдата е спора, но не и недостижна.
„Универзитетското Студентско Собрание на АУЕ-ФОН активно ќе продолжи да се грижи за подобрување на студентскиот стандард без разлика на внатрешниот состав. На нас сега ни останува да го следиме процесот на имплементација на одлуката како би можеле конечно да се пофалиме дека истото е остварено во пракса. Нашата упорност, амбиција и решителност уште еднаш се покажа на дело и се докажа дека младите се движечка сила на општеството“, посочува претседателката.
Целата одлука е јавно достапна на веб-страницата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и може да се види тука.
Радио МОФ во изминатиов период во неколку наврати пишуваше за барањето на студентите од приватните факултети да го остварат правото на бесплатен градски превоз. Пред крајот на минатата буџетска година од Град Скопје ни кажаа дека Градот зависи од Министерството за образование и наука, односно дека МОН треба да ги пренамени дотациите пред да ги префрли на сметка на градскиот буџет. Од МОН досега ниту еднаш не одговорија на нашите прашања, додека од Владата ни рекоа ако некогаш донесат одлука за доделување средства на ЈСП „јавноста ќе биде навремено информирана“.
Ангела Бошкоска