Од Комисија за спречување и заштита од дискриминација информираат дека аптеката „Виола“ директно дискриминирала врз основа на родов индентитет во пристапот до здравствени услуги.
Трансродовата жена со А.Ј. поднела пријава дека била дискриминирана и ѝ било повредено достоинството од страна на вработена во аптеката, недозволувајќи А.Ј. да има еднаков пристап до здравствени услуги поради нејзиниот родов идентитет.
Според Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, вработената во аптеката барала дополнителни извештаи, покрај рецептот за набавување на лекот, а откако го добила дополнителниот документ, читала приватни и лични информации за здравствената состојба на подносителката во присуство на други лица. Оттаму дополнуваат дека на крајот, подносителката на претставката, добила само 3 кутии од бараниот лек, иако имала рецепти за 5 кутии, по што била и избркана од аптеката.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побарала писмено мислење од потенцијалниот дискриминатор по наводите во претставката, меѓутоа тоа не пристигна во законски предвидениот рок.
„Однесувањето на фармацевката е оценето како директна дискриминација дефинирана во чл. 6 и чл. 8, ст. 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Направена е повреда на чл. 2 од Правилникот за поблиските услови за начинот на пропишување и издавање или продавање на лековите, а дополнително, прекршен е Кодексот на професионални етички должности и права на фармацевтите на Македонија, а извршена е и повреда на чл. 4 и чл. 9 од Законот за здравствена заштита“, велат од Комисијата.
Оттаму препорачуваат аптеката „Виола“ во иднина да обезбеди непречен и еднаков пристап до добра и услуги на подносителката на претставката, без вознемирување и дискриминација.
„Воедно, ѝ се препорачува на аптеката „Виола“ во иднина да им обезбеди непречен пристап до добра и услуги на сите трансродови лица. Дополнително му се препорачува на одговорното лице на аптеката да спроведе обука за подигање на свеста и сензибилизација на своите вработени за работа со маргинализирани категории на граѓани, вклучително и со трансродови лица“, велат од КСЗД.