Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) информира дека за првпат утврди родово заснована дискриминација врз работничка поради подложување на ин витро оплодување.
„Работничката, која две години работела кај правно лице од приватниот сектор, го информирала работодавачот дека планира да забремени со помош на ин витро процедура. По барање за боледување поради закажан ембриотрансфер, работодавачот, без почитување на законските процедури ѝ изрекол отказ без отказен рок, во време додека таа користела годишен одмор. Според работодавачот, причината за отказот била недоаѓање на работното место – три последователни денови (непочитување на работниот ред и дисциплина)“, соопштува Комисијата.
Во текот на постапката, Комисијата утврдила дека, работодавачот не ја испочитувал постапката за утврдување на одговорност на работничката, не се осигурал дека одлуката и решението за престанок на работниот однос се прописно доставени до работничката и веднаш ја одјавил од социјалното осигурување, со што, велат од КСЗД, ѝ било ускратено правото на здравствено осигурување.
„Комисијата ценеше дека таквото постапување е индикативно и дека отказот е поврзан токму со планираната бременост на работничката. Како резултат на овие постапки на работодавачот, работничката не можела да ја заврши ин витро процедурата на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување, претрпувајќи здравствени и финансиски реперкусии. Комисијата заклучи дека отказот е директно поврзан со планираната бременост на работничката и препорача, работодавачот да ѝ го надомести износот за ин витро процедурата, која таа била приморана да ја покрие од приватни средства“, велат од КСЗД.
Преку овој случај, Комисијата апелира до работодавачите да избегнуваат одлуки на родово засновни стереотипи поврзани со мајчинство, планирана бременост, раѓање, доење и било која друга околност поврзана со репродуктивните карактеристики на работничките.
Од таму нагласуваат дека неповолниот третман кон работничките базиран на споменатите околности е родово заснована дискриминација.
„Овој случај испраќа силна порака дека, секој обид за дискриминација врз работничките поради нивниот репродуктивен статус нема да остане незабележан и несанкциониран. Комисијата ќе продолжи активно да работи на спречување и заштита од дискриминација, обезбедувајќи еднакви можности за сите“, се вели во соопштението.