Група млади уметници деновиве активно го подготвуват теренот за новиот простор „Ку Ла“ кој ќе служи како нов независен културен центар, место за креативност и уметност, центар кој ќе се самофинансира.
Центарот е сместен на просторот на поранешната кафеана „Градска кула“, а првиот настан таму беше изложба на Ертунч Сали. Групата постои поодамна и има организирано низа настани кои се важни за културното живеење на градот, како изложби, концерти, разни акции.
„Отсекогаш сме сакале во Скопје да има независен простор за уметничко делување каде што би можеле креативно да се изразиме. Идејата не е нова туку се развива уште од факултетските денови. „Ку Ла“ ќе функционира како независен културен простор каде што младите уметници ќе можат да се изразат креативно, без да бидат изложени на бирократски процеси и парични трошоци“, објаснува уметникот Филип Велковски и додава дека местото ќе се користи како галериски простор, простор за кино проекции, музички перформанси.
Тој објаснува дека со оглед на тоа што повеќето од иницијаторите се ликовни и музички уметнички работници, и случувањата ќе се одвиваат во таа насока .
„Нашата група и иницијатива постои одамна. Имавме повеќе активности, како редовните настани кои се познати како „Храна а не оружје“, повеќе „невидливи“ изложби кога закачувавме слики на дрвата во парк, ликовната експедиција во Лазарополе. Ова ни е само нов простор каде што се прошируваме со активностите“, додава ликовниот уметник Иван Трајчев.
На фејсбук профилот на „Ку Ла“ има и текст кој ја објаснува појдовната точка на иницијативата на овие млади луѓе:
„Таму долу, на земјата владеат луѓе со ниски страсти, ниски вредности, ниски идеали. И сакаат да ни го затрујат мозокот со турбо фолк, поп култура, и материјални вредности… Копавме по тој отпад на човековата креативност и спасувавме сè што можеме за да почнеме да ја градиме кулата со надеж дека ќе стигнеме доволно високо да подишеме чист воздух…“
Тие додаваат дека во истиот простор ќе се готват и оброците за иницијативата „Храна, а не оружје“, која е само дел од нивните досегашни активности. Креативците и уметниците од „Ку Ла“ велат дека се непрофитна група која ќе ги финансира настаните со донациите кои ќе ги остава публиката која ја поддржува нивната работа.
Додаваат и дека следен настан е проекциите на филмови, насловен „Кино салата“, а потоа планираат и групна изложба, мали отворени театарски претстави, промоции на книги.
Извор: Лицевлице