Куба на референдум одлучи да ги легализира истополовите бракови откако две третини од оние кои гласаа го поддржаа новиот Закон за семејство, со кој истовремено се дозволува и геј луѓето да можат да посвојуваат деца.
Ова претставува голема промена во земјата каде геј луѓето беа прогонувани и испраќани во кампови за принудна работа во 60-тите и 70-тите години од минатиот век.
Преку новиот Закон за семејство се менува законот кој е во сила од 1975 година и бракот се дефинира како заедница на две лица, а не како заедница на маж и жена. Законот дозволува и сурогат мајчинството, а истовремено ќе ги зајакне правата на децата, старите лица и лицата со инвалидитет.
Кубанската Влада претходно го поддржа новиот Закон и водеше национална кампања преку која ги убедуваше граѓаните да дадат позитивно мислење на референдумот.
При гласањето во неделата, претседателот на земјата, Михел Дијаз-Канел, изјави дека очекува најголем дел од популацијата да гласа за измените и дека новиот Закон ќе ја отсликуваат разновидноста на луѓето, семејствата и убедувањата.
Референдумот се соочи со бројни критики од религиозните групи и конзервативците.
Официјалниот став кон хомосексуалноста на островот се менуваше изминативе децении делумно и поради активизмот на Мариела Кастро, ќерката на поранешниот кубански лидер, Раул Кастро.
Дел од анти-владините активисти сметаат дека референдумот е обид на власта да ја подобри сликата со човековите права во земјата по бруталните задушувања на сите форми на јавно прикажување незадоволство последниве години. Референдумот истовремено доаѓа и во тек на голема енергетска криза во земјата, во која милиони луѓе во Куба секојдневно се соочуваат со рестрикции на струја.