Кубанската влада започна да вакцинира деца на возраст над две години против КОВИД-19, во обид да ги врати децата во училниците, објавија државните медиуми на островот.
Додека другите земји велат дека, веројатно, на крајот ќе се одлучат да ги вакцинираат децата, се верува дека Куба е првата што им даде вакцини на КОВИД-19 на мали деца. Во септември, таа објави дека нејзините домашни вакцини се безбедни за да им се дадат на малите деца.
Во текот на пандемијата, повеќето школски часови се прекинати на островот. Наместо да одат на училиште, децата гледаат едукативни програми на телевизија со часови секој ден. Домашниот интернет останува реткост во нацијата управувана од комунисти, пренесува Си-Ен-Ен.
Куба во голема мера се фокусираше на развој на сопствени вакцини, наместо да зависи од другите земји за лекови. Локалните научници велат дека вакцините направени од Куба се безбедни и ефикасни, но засега немаат доволно податоци за надворешните набудувачи. Владата соопшти дека ќе бара одобрување од СЗО за нејзините вакцини.
До денес, според кубанското Министерство за здравство, над четири милиони луѓе се целосно вакцинирани. Владата не соопшти колку деца се вакцинирани, но рече дека кампањата за детска вакцинација започна оваа недела во провинцијата Сиенфуегос, каде здравствениот систем се соочи со страшни недостатоци со нагло зголемување на нови случаи и смртни случаи.
Кубанската влада, исто така, рече дека се надева дека ќе вакцинира над 90 проценти од населението од 11,2 милиони луѓе пред повторно отворање на меѓународните граници во средината на ноември.
Првично, владата рече дека ќе се фокусира на вакцинирање на здравствените работници, постарите лица и најтешко погодените области. Но, по скокот на инфекции кај деца за кои се верува дека се предизвикани од Делта сојот, владата објави дека исто така ќе даде приоритет на вакцинирање на мали деца.