Производител на облека од Токио во соработка со ветеринарите изработи специјален вентилатор за миленичиња, со цел да им овозможи разладување во текот на големите жештини кои ја зафатија државата.
Направата се состои од мрежеста облека на кој е прикачен 80-грамски вентилатор кој се напојува со мала батерија, кој дува ладен воздух околу телото на животното, пренесува Ал Џазира.
Реи Узава, која е претседателка на компанијата за облека „Sweet Mommy“, вели дека била мотивирана да го направи овој уред откако забележала дека нејзиното милениче било исцрпено од топлото време секојпат кога го носела на прошетка.
„Оваа година речиси немаше сезона на дожд, па топлите денови дојдоа порано. Поради тоа мислам дека развивме продукт кој ќе биде баран на пазарот“, вели таа.
Откако сезоната на дожд во Токио заврши на крајот на јуни, јапонскиот главен град се соочува со еден од најдолгите топлотни бранови во историјата, со температури кои стигаат и до 35 степени девет дена по ред.
„Вообичаено користам суви пакети со мраз за да ги разладам кучињата. Но, мислам дека доколку го имаме овој вентилатор ќе биде полесно кога ќе ги шетам“, вели Мами Кумамото, сопственик на неколку кучиња.
Уредот беше промовиран на почетокот на јули, а компанијата засега добила околу 100 нарачки за ова парче облека со вентилатор. Производот доаѓа во пет различни големини и чини 75 долари.