Култниот монолог „Избери живот“ од „Треинспотинг“ преработен во кампања за климатска акција

Култниот монолог „Избери живот“ од филмот „Треинспотинг“ е само почетокот на новата климатска кампања на „Проект Сите“ и „Климатска коалиција“ во која Кели Мекдоналд е нараторка на итен климатски повик за акција.

Кампањата „Избери живот“ која истовремено е поддржана од Роберт Карлајл, повикува на важна и амбициозна климатска акција од британските власти во време кога нацијата се опоравува од пандемијата на коронавирусот.

Во режија на Адам Смит, краткиот филм е преработка на оригиналниот монолог на Ирвин Велш, со кој беше отворена филмската адаптација на Дени Бојл во 1996 година, а содржи реченици како „избери позелено, почисто, попаметно. Избери љубезност“.

„Целта на филмот е да прати порака на надеж и јакнење, дека колективно можеме да направиме нешто во врска со оваа проблематика и да се ставиме во акција“, изјавил Смит.

Филмот, во склоп со дигитална платформа цели да ја охрабри пошироката публика и да повика на строго климатско лидерство во пресрет на Климатскиот самиот на ОН кој треба да се одржи во Велика Британија во 2021 година. Дигиталната платформа содржи ресурси за помагање на климатската акција, како пишување обраќања до министрите, па сѐ до контактирање на локални еколошки друштва. На платформата може да се прочита и декларацијата на „Клајмат Коалишн“, која е потпишана од многу сестрински организации.

Како индивидуални поддржувачи на Мекдоналд и Карлајл се јавуваат многу имиња од кинематографијата, музиката, уметноста и културата, односно Елбоу, Крис Пекам, Ели Голдинг, Џорџ Монбиот, Гилијан Бурк, Џејмс Нортон, Лијам Галагер и Лили Кол.

„Сред глобална криза, кампањата „Избери живот“ повикува властите, лидерите, бизнисите, активистите и индивидуалците да ја препознаат ризичната граница кон која се движи Земјата и да размислат за тоа како политичките и личните интервенции можат да го транформираат нашиот свет во наредните 10 години“, се вели во соопштението на проектот.

Филмот, декларацијата и образовните ресурси треба да ги инспирираат луѓето да не  се враќаат на старите начини, туку да изберат живот.

 

Извор: Dazed&Confused