Со поетско читање, разговор за книга, свирка и изложба, „Култура Бета“ го слави својот трет роденден во утре, на 11 февруари во кафе-книжарницата „Буква“.
Во 18 и 30 часот, програмата ќе започне со разговор за лирските елементи во романот „Годишни времиња“ на Јулијана Величковска, а авторка ќе чита делови од романот. Посетителите ќе имаат можност да го набават романот по промотивна цена.
Во 20 часот ќе започне четвртото издание на поетските средби „Поетска епизода“, насловена „Од љубовта треба да се пазиме“, а љубовна и еротска поезија ќе читаат Д.А. Лори, Александра Спасеска, Ива Петревска, Јулијана Величковска и Марија Костиќ од Србија.
Модератори на поетската епизода ќе бидат Андреј Медиќ Лазаревски и Калина Качоровска.
Во 22 часот ќе се случи и свирка на младинскиот бенд „Занаду“. Во текот на целата вечер ќе трае изложба на поезија, фотографии и цртежи од 30-тина автори, а во рамки на роденденот ќе биде пуштено во продажба и третото студентско културно списание „Умник“.
Од младинското неформално здружение за култура истакнуваат дека третиот свој роденден го посветуваат на симболот на прекината програма и на тоа зошто овој симбол не смее да се појави на уметничките сцени, екрани, галерии.
„Лицата кои (ќе) се појавуваат над симболот за прекината програма се симболи на будноста и работата на одржувањето на таа уметност. Уметноста која главно ја одржува програмата во живот е алтернативната и независната сцена која неуморно и со години наназад се бори за унапредување на таквата сцена, која се бори за креативност, продуктивност, живост, будност, тоа е таа уметност која не може и не смее да биде прекината“, велат од „Култура Бета“.
Оттаму дополнуваат дека водејќи се по идејата за потребата на негување на независната сцена во општеството, ентузијастично започнале создавање мрежа на млади поети, писатели, сликари, фотографи, музичари, колумнисти, екологисти, активисти.
Започнавме со создавање на платформа за вмрежување на овие уметници и активисти и со создавање простор за нивно полесно, појавно, поприсутно изразување, започнавме со создавање на место каде што уметноста и културата сфатени во најширока смисла ќе добијат простор каде ќе бидат застапувани, негувани и промовирани независно, слободно и вонинституционално. Тргнувајќи од идејата дека постои некоја ‘алфа’ уметност која е комерцијална, институционална и наменета за широки јавни маси – ја создадовме ‘бета’, Култура ẞ, која ќе биде еден од претставниците на вистинската и културна култура, на независната и алтернативна уметност.
„На 11 февруари во Буква со дел од овие луѓе го славиме ова, а во нашата следна, четврта, година најавуваме уште куп настани, отворени можности, идеи, соработки… Никогаш да не се појави знакот на прекината програма!“ велат од Култура Бета во најавата за настанот.