Со театарски перформанс во изведба на драмскиот ансамбл при Струмичкиот театар, пред платото на НУЦК „Антон Панов“ Струмица, иницијатива „Култура или Фис-Култура?“ денеска го одбележува Светскиот ден на театарот.
На настанот учестува и струмичкиот бенд „Дактили“, а е најавено читање на светската и македонската театарска порака напишани од британската актерка Хелен Мирен и македонската актерка Сузан Акбелге. Истовремено, Иницијативниот одбор на „Култура или Фис-Култура“ одлучи да побара итна и неотповиклива ОСТАВКА од министерката за култура Ирена Стефоска.
„Министерката за култура, е натрапник во истото министерство, како што е натрапник фискултурецот што го поставивте за директор на културна институција. Ова е грешка зад кој не можете да се скриете! Културата исчезнува од местата на кои се создава, исчезнува од образованието, во медиумите е присутна само преку скандали. Министерката првично се претстави како месија, а досега не направи ништо за развој на културата, напротив нема создавање нови уметнички вредности“, се вели во дел од барањето за оставката.
Изминатиот период, беа организирани повеќе протести и протестни перформаси, за да побараат сакаат да го изразат својот револт за состојбата во која се наоѓаат културните работници и културата во Северна Македонија. Од иницијативата „Култура или фис-култура“ му дадоа „црвен картон“ на директорот на НУЦК „Антон Панов“, Васил Бубев кој од неодамна е поставен на функцијата. Иницијативата беше формирана од незадоволството за избор на директорот кој е професор по физичка култура.