Иницијативата „Култура или фис-култура“ поднесе претставка до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поради одлуката за генерален директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица да се назначи професор по физичка култура.
Истовремено, оттаму велат дека „доколку институциите и натаму останат глуви ќе преземеме и други мерки“, додавајќи дека ќе ја објават документацијата од избраниот кандидат, која ја добиле според Законот за пристап до јавни информации.
„Иницијативниот одбор на иницијативата ‘Култура или фис-култура’ на состанокот одржан на 15 февруари 2021 год. констатира дека е целосно незадоволен од досегашната комуникација со министерката Стефоска и со Министерството за култура. Имавме две средби на кои министерката инсистираше на формално-правните аспекти за изборот на директор, сосема занемарувајќи ја суштината на проблемот и нашето незадоволство. Со оглед дека суштинско решение изостана, нашата институционална битка продолжува“, велат од иницијативата.
Пред Министерството за култура тие пред помалку од една недела одржаа и протестен перформанс, а веднаш потоа се сретнаа и со министерката за култура. Нивната речиси двочасовна средба сепак не вроди со плод, а тие тогаш најавија дека остануваат во дијалог со министерката.
Иницијативата која е поддржана од над 322 културни работници, претходно одржа протест и пред самата институција, во центарот на Струмица.
Нема договор по средбата на министерката за култура и струмичките актери кои протестираа