ЛГБТИ Центарот за поддршка организира серија предавања на тема „Културата како алатка за социјални промени“.
За следење на тренингот ќе има два термини – првиот е од 17 до 21 мај, а вториот од 24 до 28 мај 2021 година. Поради превентивните мерки за заштита од Ковид-19, тренинзите ќе се одржуваат онлајн на платформата ZOOM.
На предавањата може да се пријават млади на возраст од 18 до 30 години. Целта на предавањата е да се зголемат знаењата на младите во областа на артивизмот, зошто уметноста е една од најбезбедните и најмоќните алатки за социјални промени.
„Ќе се запознаете со артизмот во повеќе дисциплини, како што се филмот, театарот, ликовните уметности, раскажувањето на приказни и слично. Предавањата ќе ги водат реномирани предавачи/уметници, кои во својата работа се фокусирани на социјално ангажираната уметност. Покрај предавањата, ќе имате можност да учите и преку разни вежби и креативни активности“, стои во најавата за предавањата.
За учество во школата нема да е потребен каков било надомест од страна на учесниците. Потребен е само компјутер и стабилен интернет приклучок. Работилницата ќе се одвива во наведените датуми, во попладневните часови (после 17 часот), а учесниците треба да изберат во кој термин ќе го следат треинингот.
Тренинзите ќе бидат на македонски јазик. Од учесниците се очекува во целост да ги проследат сите пет дена од предавањата.
„Ги охрабруваме младите лица на возраст од 18 до 30 години, без оглед на нивната сексуална ориентација, родов идентитет, етничка припадност и националност, верско уверување, попреченост или која било друга основа, да се пријават на овој повик“, велат организаторите.
Повикот е отворен за пријавување до 14.05.2021 година, а можете да се пријавите со пополнување на пријавата на следниот линк.
Прашања во врска со работилницата може да се испратат на е-маил: ljubomir.faizov@lgbti.mk, со наслов (Subject): Предавања на тема „Културата како алатка за социјални промени“.
Предавањата на тема „Културата како алатка за социјални промени“ е дел од проектот Млади артивисти за промена (МАП), кој е финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.