Културата во Скопје „на апарати“, културните институции од Градот добиваат трошки

Скопје во 2028 година треба да биде „Европска претстолнина на културата“, но, од друга страна, културните институции што се во надлежност на Град Скопје работат во тешки услови откако во последниве две години значително им е намалена финансиската поддршка од градската администрација на Данела Арсовска. Ова значи помалку пари за културна дејност, но и за да подмират основни трошоци за струја или парно, што ги води во финансиски грч и неизвесност „што попрво“ и „како понатаму“. Дел од институциите сметаат дека или се работи за тотално непознавање на секторот, или тенденциозно се уништува културата. 

Снежана Стојчевска, директорката на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, за Радио МОФ вели дека ако се погледне од страна работата на оваа институција, некој ќе си помисли дека во Библиотеката тече мед и млеко. Но, посочува таа, реалната ситуација е сосема спротивна – за две години работите однатре се сѐ полоши и полоши, токму во однос на условите кои ги имаат или немаат.

„Тое е резултат на намалениот буџет, нефункционалноста на службите, блокираниот Совет кој не сака да ги изгласа ни извештаите за завршената работа за 2022 и 2023 година. Наспроти сѐ, Библиотеката непречено работи со своите корисници и читатели и непречено ја промовира читачката култура. И во вакви услови се бориме да ја задржиме традицијата која ‘тежи’ 80 години, да ги следиме современите текови и да се наметнеме како активно културо јадро во градот и пошироко“, посочува Стојчевска, дополнувајќи дека неодамна ја добиле и наградата за промотор на читачката култура од Асоцијацијата на издавачи на Македонија.

Таа нагласува дека за две години, три пати биле исклучени од струја, за две до три неплатени сметки, поточно, ги исклучуваат во истиот момент кога ќе стигне третата сметка.

„Не би било проблем ако за сите корисници на цела територија на Македонија важат истите правила, но сите знаеме дека има области и села каде ЕВН не смее да исклучи, но затоа Јавна установа со библиотечна, образовна и културна дејност добива нула толеранција за долг. Знам дека не е решение некому да должиме или да не’ чека, напротив, верувам дека решението е доброто планирање. Библиотеката постои 80 години и службите и Градот добро знаат колку тоа чини“, нагласува Стојчевска.

Според неа, ниту еден  директор нема да може да направи математика со една десетина од потребните средства. Само за илустрација, за сите скопски културни институции во градот, Советот изгласал буџет за режиски трошоци од нешто над 5 милиони денари. Додека, вели таа, само за непречено функционирање на Библиотеката се потребни 10 милиони.

Издвоени средства за 2024 година за подмирување тековно – оперативните расходи на установите (парно греење, електрична енергија, вода, трошоци за комуникација, транспорт и друго), извор: Програма за финансирање на јавните установи и активностите од областа на културата од интерес на Град Скопје 

„За 2024 година за ГБСК, која е и најголемата градска културна институција, се предвидени 1,4 милиони денари, колку што изнесува една сметка за парно во зимските месеци. Велам најголемата, поради масивната мрежа на објекти, да потсетам, ‘Браќа Миладиновци’ не е само главниот објект кој се наоѓа помеѓу пазарот Буњаковец и Градежниот факултет, туку се работи за четири централи библиотеки, 14 подружници и една подвижна библиотека –  библиобус, кој ги опслужува населените места и села во околината на Скопје“, објаснува Стојчевска.

За неа нема сомнеж дека сметките и трошоците за одржување се големи, но дејноста што ја вршат е единствена, благородна и од непроценливо значење, па е нужно постојано да се инвестира во подобрување и на материјалните услови.

„Ако на Градот и на државата им е скапо да оделат средства за струја за Библиотека, дали воопшто да зборуваме за држава со култура? Оваа институција следната година слави голем  јубилеј –  80 години постоење, а ние не можеме да го одржиме нивото кое функционирало во минатиот век, со поинаков систем на уредување. Се работи за нашата иднина, за описменувањето на нашите деца, на стекнување и враќање на навиката на читање од најрана возраст, создавање на идни мислители и градители на општеството. Тоа не може да го направиме без читање и учење. Наместо да говориме за стратегии ние говориме за елементарни услови!“, забележува Стојчевска.

Таа констатира и дека буџетот за програмските активности што Библиотеката го имала со претходното раководство – им е тековно преполовен од 4 на 2 милиони денари.

„И покрај сите непогоди, успеавме да ја издигнеме Библиотеката на мапата на културни настани на градот со бројни активности и богата програма. За сето сработено годинава (2024) сме ‘наградени’ со 30% помал буџет од лани, односно добивме 1,4 милиони денари за програмски активности во кои спаѓаат: набавка на книжен фонд, програмски активности, меѓународна дејност и издавачка дејност. Да потсетам дека претходните години само набавката на книжен фонд била 2,5 милиони, а сите знаеме дека поради поскапувањето на хартијата, книгите се двојно поскапи од порано. Книгата е нашето основно средство за работа и ако не сме во тек со нови наслови – ќе ги изгубиме читателите за кои посветено работиме“, вели Стојчевска.

Како „поразителна“ ја карактеризира и состојбата со вработувањата. За период од две години имале 17 пензионирања и нула вработувања. Одобрувањето за вработување според неа е „долг и заморен административен процес“, бидејќи таков план усвојува Град Скопје, па потоа се чека на министерствата за информатичко општество, Култура и Финансии, од каде на крајот биле одбиени без образложение.

Со сето ова, вели таа, има чувство дека некој сака тенденциозно да ги уништи културните институции во Градот и тоа преку намалување на бројот на вработени, со константно преполовување на програмскиот буџет, од година во година.

„Ситуацијата е алармантна, и ќе наведам неколку примери: Универзална сала нема објект и вработените се времено сместени во нашиот главен објект, Домот на културата ‘Кочо Рацин’ остана со двајца вработени и директор. Ние го даваме својот максимум, но ако не се превземат чекори за промена на материјалните и кадровски решенија, реалноста кога-тогаш ќе не’ стигне. Ако државата нема пари да ја финансира библиотеката, тогаш треба да се поскапат услугите и користењето на читалните – наместо 300 денари годишно, да биде 300 денари месечно, за да може Библиотеката да ги покрие трошоците кои произлегуваат од работењето 24/7. Убаво е да се вети дека Библиотеката ќе работи 24/7, но тоа треба да се финансира. Не може да функционираме со еден хигиеничар во објект од 4.000 квадрати и со тројца чувари и двајца позајмени од Универзана сала“, забележува директорката на „Браќа Миладоновци“, дополнувајќи дека книгата не треба да биде луксуз туку основно човеково право, додека важноста на културата е огромна и од читањето има повеќе бенефити: збогатување на речникот, способност за разбирање и решавање проблеми, развивање на интелигенцијата.

Посета на основци во Библиотеката, фото: ГБСК

Дека состојбата не е сјајна за Радио МОФ потврдува и Тони Димитров, директорот на Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје. Тој вели дека се оставени на себе, кој како знае и умее, без реална смисла за потребите на институциите што треба да ги хранат граѓаните со култура.

„Состојбата е се’ полоша. Процесите на функционирање се закочени и ни оневоможуваат да работиме нормално, комуникацијата со градот непостоечка… Буџетите се мали, режиските трошоци недоволни, па според тоа сме под постојан притисок дека ќе ни исклучат струја или блокираат сметка. Недостатокот на кадар е пак друг проблем, кој ја докомплетира сликата. Просто е невозможно да се функционира во вакви услови, иако правиме сериозни напори да го постигнеме невозможното“, нагласува Димитров.

Ги споменува фактот што ланската година добиле по 2 милиони денари за програма, средства што смета дека се „мизерни“, но некако ја избуткале годината „на мускули“.

„Не е решение да пристапуваме до бендовите или уметниците и да ги молиме да ја пополнат нашата (т.е. градската) програма за минимални хонорари. Сепак се тоа уметници кои живеат од настапите, проектите, изложбите. Му пристапуваш на уметник и му велиш ‘твојот хонорар за изложбата е 6.000 денари’, а нему само боите му чинат двојно повеќе од хонорарот, што практично значи дека треба да прави изложба без хонорар, а паралелно да работи во пиљара или како обезбедување за да преживее како уметник. Протуркавме една година така (оваа е веќе втора), затоа што ја познаваме сцената, уметниците, начините на функционирање на истата и имаме контакти. Но, не е тоа поентата. Овие установи не се дел од независната сцена па да функционираат на волонтерска база и импровизација, поточно без финансии. Од позиција на естаблишмент, должен си ти да ја финансираш сцената!“, посочува Димитров.

Иако годишно аплицирале за буџет од околу 12 милиони денари, што според него е коректно за една достоинствена годишна програма која се состои од концерти, фестивали, промоции, изложби, одбележување на најголемиот празник на градот „13 Ноември“ итн, сепак, вели тој, Градот повторно останал глув.

„И за 2024, без никаква претходна консултација со нас, преќутно, Градот ни додели по 2 милиони денари (н.з. по институција), што е преседан, а воедно и апсурдно, ако се знае дека индивидуално располагаме со различен простор и капацитет, со тоа и различни потреби да обавиме дејности од културата.  За режиски трошоци исто така ни беа доделени по 500.000 денари, колку што е само една сметка за парно во зимските месеци. Затоа сме со долгови, камати, лесно може да ни ги блокираат сметките, а извршители ни висат над глава“, потенцира Димитров.

На целата оваа состојба не помогнала и ситуацијата од изборите, што наводно ја наложи Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), за да нема злоупотреби со буџетски средства.

„Не можевме да исплаќаме хонорари, бидејќи ние со секој уметник кој учествува во програмата, потпишувавме авторски договори, а според нивните насоки, ние не смеевме да потпишуваме договори бидејќи во време на избори, било каква исплата по договор значи корупција. Тоа значи дека 6.000 денари хонорар за уметник претставуваа поткуп! Но вината не е на ДКСК, такви се генерално правилата. Сепак, програмата од градот ни пристигна еден ден пред распишување на изборите, 14 февруари, што автоматски значи блокирање на работата на установите до завршувањето на изборите т.е. констутуирање на влада (н.з. што практично се случи пред 3 дена). Бидејќи ова не е прва година да има избори во државата, за ваквото постапување постојат две опции: или е од незнаење или намерно. Просудете сами“, потенцира Димитров.

„Од една страна тоа не’ ‘спаси’, затоа што со 2 милиони ќе покриеме овие неколку месеци кои преостануваат, ама не е решение шест месеци да сме без програмски активности, и комплетната годишна програма да ја набиеме во само два-три месеци“, забележува директорот на КИЦ.

За него е жално затоа што, како што вели, се работи за прекрасен културен центар, најдобра концертна сала во градот, еден од најдобрите клавири, прекрасни функционални галерии, графичко студио, продажен салон итн…

Архивско фото од изложба во КИЦ, фото: Радио МОФ

„КИЦ навистина живна. Од зачмаено место, стана жив културен центар. Организиравме бројни настани, изложби, концерти, фестивалот Звукот на Скопје, организиравме одбележување на ‘13 Ноември’, а публиката тоа го препозна и се врати во центарот. Препозна дека го подигнавме нивото на работа на центарот и општото нивото на културата во градот. Сега, очигледно, повторно постои тенденција целиот труд да се минимизира, со потенцијал центарот повторно да се запусти. Веројатно се работи за ниски политички интенции, кои имаат намера да докажат дека работата на установите не е успешна. Но, за нивна жал, успеваме да ги одржиме со богата програма, дури и во вакви невозможни услови. Очигледно е непознавањето на поимот култура и каков однос треба да се гради кон неа. Но, загрижува тенденцијата да се уништат културните установи и да се сруши глобалното ниво на културата во Скопје, иако веќе е прогласена за ‘Европска претстолнина на културата“, забележува Димитров.

Што е со МКЦ?

Радио МОФ веќе пишуваше и за незавидната ситуација во која се наоѓа и Младинскиот културен центар (МКЦ), иако новиот директор Арбен Бени Шаќири, поставен од Арсовска на стартот на 2024 година, досега не ни одговараше на нашите прашања, туку за други медиуми изјави дека „ситуацијата во МКЦ по изборите се нормализира“.

Сепак, луѓе што се запознаени со состојбите во Центарот ни открија дека се натрупани долгови, кои потекнуваат и од ланската 2023 година, кога пред Шаќири најпрво од Арсовска беше поставен дипломираниот детектив Никола Алексов да го смени дотогашниот директор Ванчо Богоев, а притоа драстично им беше скратен програмскиот буџет – што потегна реакции во јавноста, петиции и протестни акции каде младите порачаа „Културата е скапа, некултурата поскапа“.

[Галерија] „МКЦ е нашата светилка во темното“ – стотици граѓани на протестен музички собир во одбрана на МКЦ

„Програмските активности треба да се реализираат, меѓутоа, колку, како и со кој капацитет – не се знае, бидејќи многу работи се под знак прашалник. Нема информации, ниту специфични насоки. Во меѓувреме, МКЦ должи веќе 100.000 евра за парно и не се знае колку за струја. Она што ќе легне на сметка се праќа струја, наместо да се плаќа програма. Генерирани се долгови, кои, не се од сега, туку и од лани“, рекоа нашите извори блиски до МКЦ.

Во МКЦ, културниот живот скоро згасна за време на изборите, а на неколкуте концерти што се броеја на прсти посетителите си носеа пијачки од дома. Анализа на Радио МОФ покажа дека тоа е своевиден преседан за МКЦ, бидејќи Центарот и претходно функционирал за избори, додека останати културни установи како МНТ, Драмски и Турски театар рекоа дека до нив воопшто нема стигнато препорака од ДКСК, што всушност беше аргументот на Шаќири да не им ги продолжи договорите на 30 хонорарци и ги прекине културно-социјалните настани.

Како ќе се одвива културата во МКЦ, но и надвор од него за време на изборите?

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) алармираше за далекусежни последици од немањето културна понуда. Плус, синдикалците укажуваа дека согласно Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници, установата има право да врши исплати од сопствени приходи и во изборен циклус, односно да плаќа хонорарци од самофинансирачки активности.

Претходно, Радио МОФ веќе пишуваше и за состојбите со годишниот повик на Град Скопје за поддршка на проекти и програми за културата за 2024, за кој уметниците долго време беа држени „во темно“. Освен што градските власти не го објавуваа повикот, туку и резултатите од ланскиот не беа јавно споделени, а за средствата не беа контактирани ниту здруженијата и културните работници кои аплицираа уште пред една година.

Во Европската престолнина на културата 2028 доцнат годишните исплати и повици за проекти во култура

Од Град Скопје засега не ни одговараат на прашањата за состојбата со културните институции, исто како и претходно за случувањата во МКЦ, а не’ игнорираа и за годишните конкурси.

Бојан Шашевски и Ангела Бошкоска