Културен простор со огромен потенцијал во центарот на Охрид со години зјае празен и неискористен

Обрасната со трева и дрвја и „збогатена“ со фрижидер за сладолед и вовче кое во летниот период може да се види низ строгиот центар на Охрид, вака денеска изгледа летната кино бавча, каде постарите охриѓани уште во 1963 следеле проекции на филмови. Сега, веќе со години, просторот кој е под Центарот за култура во Охрид не е во функција и не се користи, но, постојат најави за негово оспособување.

Летната кино бавча има огромен потенцијал за развивање на „интересни и уникатни приказни и настани“, сметаат од Културолошката иницијатива „5 до 12“ од Охрид, од каде велат дека таа претставува простор со добар капацитет, каде може да се организираат настани од различен карактер.

„Летната кино бавча заслужува да биде ставена повторно во функција и не можеме да разбереме како досега никој не посегнал да го среди тој простор, кој за разни работи може да биде користен шест месеци од годината сигурно. Од денски настани, до вечерни, од проекции на филмови, до работилници, свирки денски и вечерни, концерти на бендови, промоции, поетски читања, перформанси, претстави, може да биде ‘најкул’ место во Охрид за младите, а и за сите, бидејќи е еден уникатен простор кој се дави во шут долги години“, велат.

Просторот на летната кино бавча сега е „збогатен“ со вовчето кое во летниот период може да се види низ центарот на градот / фото: Радио МОФ

Просторот според нив, мора да се среди и да се стави во функција, но и да биде секојдневно активен со различни програми. Истовремено, тие посочуваат дека има многу талентирани луѓе кои се занимаваат со различни работи во градот, и додаваат дека се сигурни дека тие би се вклучиле во заживување на просторот.

Но, децидни се дека во преден план тука треба да дојде и достапноста на местото која би ја нудела институцијата.

„Ситуацијата со пандемијата кога се’ е забавено и стопирано, е одличен момент за да се средат тие работи, бидејќи сега сме март месец, а ваков простор од почетокот на април до крај на октомври може комотно да функционира. Апелираме да се преземе една иницијатива од самата институција, па тогаш верувам дека ќе се вклучат и многу други луѓе кои би сакале да дадат придонес и да помогнат во остварувањето ова место повторно да заживее и да не се дозволи да згасне. ‘Културолошка иницијатива 5 до 12’ би помогнала во секој чекор во кој може да помогне од реконструирањето на оваа сцена“, додаваат тие.

Според директорот на Центарот за култура, Горан Симоновски, моментално „течат подготовки“ за оспособувањето на летната кино бавча, за која вели дека има капацитет од околу 500 седишта, но, потенцира дека не се знае кога тие би завршиле, бидејќи, како што додаде, тоа е процедура.

„Инаку јас сум за, и многу ќе ми биде и желба и ќеф ако успеам тоа да го реализирам, да ја отворам летната кино бавча и да биде во функција“, вели Симоновски.

Директорот вели дека откако е на функција работи за оспособувањето на просторот и додава дека е во комуникација со Министерството за култура.

„Сакам да го ставам (н.з. во функција) и жалосно е тој простор да не е во функција. Едно ќе е од бенефит за институцијата, друго ќе е од позитивно значење за Охрид. Меѓутоа, имам некои административни закочености, не знам како да ги кажам, документации, јас сум во тек сега во катастар, со имотни листови, да видиме што како е, за да можам нешто да реагирам, да ја ставам летната кино бавча во функција. Тука може ‘стенд-ап’, драми, се може. Се надевам дека ќе успеам во тоа, но да кажам кога и како, стварно не знам“, вели Симоновски.

Летната кино бавча се наоѓа во строгиот центар на Охрид / фото: Радио МОФ

За да може нешто да се поправи, тој вели дека сепак, сака да има некаков „амин“ и дозвола од Министерството, за како што вели, да не прави нешто на своја рака, но и дека затоа ги бара сите потребни документи, со цел „да биде се како што треба“.

„Ако би ја поправал, не би правел јас импровизација, да направам нешто ексклузивно, модерно. Оградата првин таму е лимена, треба да се постави некој ѕид, треба да се препокрие нешто, да се среди бината, едно, друго… “, објаснува Симоновски.

Од Министерството за култура за Радио МОФ кусо одговорија дека според информациите од Центарот, во тек се административни процедури за активирање на лентата сцена која е во рамките на установата.

„По завршувањето на сите процедури, од страна на установата, се разгледуваат и опциите, активирањето на летната сцена, да се реализира и преку јавно-приватно партенерство“, се додава во нивниот одговор.

Директорот Симоновски вели дека со оглед на пандемијата со Ковид-19, местото би било идеално за одржување на настани, бидејќи е на отворено, но и за време на летниот период. Интерес за местото досега пројавиле одредени групи, додава тој.

Официјално пак, Културолошката иницијатива „5 до 12“ досега не доставиле писмено барање за користење на тој простор, иако, додаваат дека во повеќе наврати и разговори со директорот и вработените во центарот се разговарало околу него и капацитетот на центарот.

„Иако во последно некако по се’ она што го бараме ние и се бориме, како иницијатива за простор за младите и услови итн., некако и тоа место го акцентираме како едно потенцијално збиралиште на сите сфери и таленти на едно место кое би станало препознатливо во пролетните, летните, есенските месеци, додека има услови“, велат од иницијативата.

Мартин Колоски