Културата е скапа, некултурата поскапа – што ни треба во 2025 година?

Во Радио МОФ направиме уште една новогодишна тема – културна желботека за 2025 година. Тргнавме да собираме ставови и желби од разни луѓе што работат во секторот култура: Што сакаат да видат во 2025 година?

Повеќе настани, свирки, изложби, претстави, дискусии…? Можеби поодговорни институции, поголем буџет за култура, нов закон, или промена на стара легислатива? Можеби ни недостасува солидарност, самоорганизираност, повеќе уметничка слобода, или нови културни пракси? Или можеби сè е ОК? Што прво им доаѓа на памет како желба?

Ова се нивните одговори:

Бојан Станиќ, Пондер / Контра кадар / Контра библиотека

Повеќе млади кои безрезервно и одговорно ќе се вклучат во постоечки или ќе градат свои независни културно-социјални иницијативи, уште многу нови бендови и уметници, повеќе критична публика која знае што сака да слуша/гледа/чита и независни и слободни културни простори во сите градови во Македонија.

 

 

Снежана Стојчевска, директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Посакувам 2025 година да ни дозволи да бидеме покреативни и конструктивни, отколку загрижени и во стрес за сметки за струја, греење, исклучени објекти. Силно посакувам надлежните институции да покажат разбирање во креирањето на буџетот за нашето основно функционирање. Посакувам по заминувањето на многуте колеги во пензија, да можам да го поздравам вработувањето на нови и квалитетни луѓе. Посакувам да можеме да се пофалиме со отворање и реновирање на библиотеки во населбите и општините низ Скопје каде што книгата потешко стигнува, а младите сè помалку сакаат да влегуваат во руинирани бараки и објекти барајќи ги лектирите и книгите за слободно читање. Посакувам буџет за откуп на нови наслови и дела, на поддршка на домашните автори и квалитетната преводна литература, повеќе читатели и задоволни насмевки на пултовите во сите 18 објекти. Посакувам зборовиве да стигнат до сите кои одлучуваат и за висината на средствата за откуп на лектири за нашиот Библиобус што стигнува до децата во скопските рурални средини каде што нема ни училиштни библиотеки.

Посакувам доволно средства за спроведување на многуте идеи што ги имаме за подигнување на читачката култура, за видливоста и значењето на Библиотеката како јадро на едно културно и свесно општество.

Посакувам достоен буџет за достојно чествување на големиот јубилеј, 80 години од формирањето на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Сепак, тоа не е само наш голем датум, туку и важен ден од современата макдонска историја.

Димитар Тодороски, Млади за Скопје

Ни треба поголема информираност за настаните, поголема промоција и поголемо другарство.

Да не заборавиме дека економската криза предизвикана од Ковид-19 и од руско-украинската војна придонесе цените да се воздигнат до небото, па не секој може да си дозволи да потроши пари на културен настан, кога е во прашање да се платат сметки за дома или да се купат намирници за прехрана.

Ние сме пресиромашна нација, кога ќе се подобри економијата, ќе се зголеми значително интересот и поривот за посетување културни настани.

Виктор Танасковски, музичар / радиоводител / Синестетика

Не мислам дека Скопје има проблем со бројот на културни настани, некогаш ги има дури и повеќе од доволно. Проблемот го гледам повеќе во тоа како и зашто се прават овие настани, од кои мотиви и на кој начин, со кои вештини и со кои средства.

Во 2025 сакам да видам како културниот сектор престанува да се потпира на конкурси и грантови како единствено решение за својот опстанок, туку таа улога да и’ припадне на самата публика, бидејќи верувам дека единствено нејзиното мислење е валидно и објективно. Додека сме кај публиката, се надевам дека ќе се врати на тоа да ја има во поголем процент како консумент отколку како некој директно вклучен во културниот сектор, односно бројот на публика да биде значително поголем од бројот на културни дејци. Сакам и да се промени балансот од повеќе напишани на повеќе прочитани книги по глава на жител, на повеќе преслушани отколку издадени албуми, повеќе посетени отколку направени изложби итн.

И за крај, колку и да звучи контрадикторно, сакам да има поквалитетна поп сцена за да има на што да се биде алтернатива, да се има достоен противник.

Елена Чемерска, визуелна уметница

Да почнам од доброто: ја имам големата привилегија да делам простор за делување со прекрасни пријатели и колеги на кои можам да сметам во секое време. Се чувствувам дел од заедница која постојано демонстрира солидарност и меѓусебна поддршка, нешто што не само што ме инспирира, туку и ми дава простор и емотивна сигурност за работа. Во 2025 година, би сакала да слушнам дека уште повеќе од нас ја живеат оваа динамика, дека таа уште повеќе се зајакнува и проширува со нови иницијативи што отвораат простор за критички дијалог и создавање.

Се надевам на поодговорни институции и на појасна визија за тоа како културата може да биде двигател, а не само пасивен сведок на општеството – и тоа за жал, само во подобриот случај. Потребно е суштинско реструктурирање на приоритетите и зголемување на буџетите за култура, бидејќи и ние не живееме од воздух и секое наредно скратување е во најмала рака застрашувачки пристап. Но уште поважно, тие средства треба да се распределуваат транспарентно и стратешки, со поддршка на практики што не се плашат да постават горливи прашања, што излегуваат од рамките на 100 пати репродуцираните комформистички ситуации и отворено се соочуваат со нашата реалност, наместо да останат заложник на клиентелистички практики.

Дополнително, мислам дека сè уште недостасува простор за млади и независни културни иницијативи кои постојат, но благодарение исклучиво на сопствените џиновски заложби. Самоорганизацијата и експерименталните пристапи треба да бидат охрабрувани, не потиснувани. Угнетувањето на културната и уметничката продукција и нејзиното сведување на декорација е погубно; таа во својата суштина е платформа за критичка рефлексија и акција. Ако тоа не е, значи не сме каде што треба да бидеме.

Маргарита Арсова, Младински културен центар

Со голем ризик да звучам како досадно клише – сепак најголемата желба во 2025 ми е, професионализација и департизација на културата. Редно е да дојде времето и на тие малку професионалци кои останаа во Македонија, на ред. Жалосно и тажно е да гледаме како институциите ни се распаѓаат пред вид, како ги пуштаме низ вода, бидејќи „сè е катастрофа“. Не, не е. Не, не било. Очајувањето е одлика на победените, ние сакаме Скопје да е европски град! А не месна заедница.

Посакувам сите промотери да погледнат малку подалеку од своите лични интереси. Посакувам да ги усреќиме младите, повторно. Да им го овозможиме она што го заслужуваат. Посакувам Министерството за култура конечно да сфати што е естрада, а што култура. Посакувам повторно да изнајдеме сила и да се избориме за нашите простори. Посакувам Македонија конечно да сфати дека без функционално образование, здравство и култура, НЕМА идентитет.

И на крај, скромно да посакам да има Дедо Мраз и да ми ги оствари овие желби.

Мартин Џорлев, музичар, дел од колективот Гола планина

Нели ви е смачено од тоа да бидеме шегата, дното и срамот на Балканот? Да бидеме депонијата на Европа? Можеби нешто околу тоа, не знам. Еве некои мисли кои би помогнале околу „тоа“ во новата година, а и понатаму.

Младите исто така постоиме (здраво!) и заслужуваме повеќе. Соодветен студентски и младешки живот, особено за оние кои го одбиваме шундот. Ако не знаете што е тоа „соодветен“, ќе ви кажат кадарните млади.

Помалку медиумско внимание и величење на простотилакот.

Повеќе разбирање и поддршка (или попрво разбирање и поддршка ВООПШТО) на уметноста (не онаа „брза храна“ сервирана на засега патетичните веб страни, профили, радио станици и телевизиски програми), на науката и на критичката мисла од страна на институциите, но и повеќе разбирање, солидарност и соработка меѓу самите дејци.

Исто така, да се разбере дека јазикот на авангардата не мора да биде неразбирлив, квази-езотеричен, полн со некое самољубие и презир кон конвенциите; тој треба да се гради врз основа на друг вид на самопотврдувачки идентитет, оној вкоренет и во секојдневието, без негодување кон сѐ што се чини „обично“ или „необично, но различно од мене“, да е негуван со разбирање и вклучување на разликите. Не сѐ што е чудно е добро, ниту сѐ што е добро е добро на ист начин.

Луѓето не се само својата идеологија, она што го гледаат, слушаат, сакаат; никој од нас не ги знае до крај сите страни на своите уверувања и убедувања, да си помогнеме едни со други да се разбереме и да се водиме кон идеологии кои подразбираат сочувство, мисловна издржаност и конструктивност.

Повеќе почит за основоположниците (внатрешни и надворешни) на современата македонска филозофска, научна и уметничка мисла, оние кои ја развивале, оние кои ја развиваат денес и разликите меѓу сите нив.

За да се оствари таа почит: едукативни програми за млади и возрасни – надежно институционално поддржани – кои ќе имаат за цел да го возобноват (или попрво изградат) и негуваат современиот македонски идентитет, со акцент на современата македонска култура и научна дејност, во минатото (она опипливо и реално) и денес.

Да се искоренат неконструктивното носталгичарење и мислата „ПОРАНО беше ПОДОБРО, сега НИШТО НЕМА“.

Стручен кадар во културните установи.

Помалку извитоперување на македонската народна музика, како што гледаме постојано (особено околу Нова година и државните празници).

Општо кажано: стоп на саботажата на македонскиот јазик и култура.

И така, како и секоја година, Коста, Славко, Живко, Бадев, Мирвет, Шпато (и уште многу други) се превртуваат сѐ побрзо во своите гробови. Не ќе биде лошо малку да ги успориме. Нека биде толку од мене за сега.

Tамара Стојаноска, театарска режисерка

За среќна нова 2025 година на полето на културата кај нас посакувам повеќе заедништво, поголема поддршка меѓу уметниците, особено во театарските кругови.

Би сакала да видам уште повеќе шанси за независната сцена, повеќе простори за работа и начини за финансирање, фер вработувања во културата, повеќе директори на функција кои планираат квалитетни уметнички програми и даваат шанса на уметниците без политички притисоци и лични ставови.

Да создаваме искрена уметност, да сме во тек со светот и новите уметнички тенденции, да не се губиме во површната комерцијалност и да создаваме искрени уметнички дела.

Јован Ламбески, Креативен викенд

Пред сѐ, сакам да кажам дека имаме креативен потенцијал кој што опстојува во условите кои на сите ни се познати…

Она што би сакал да видам во наредниот период е поголема соработка помеѓу актерите на уметничката сцена, подобра критичка артикулација, поквалитетна употреба на новите технологии и пронаоѓање на алтетнативни начини домашната уметност да се претстави надвор од Македонија…

Знам дека ова не е малку, ама треба да сме фокусирани, динамични, одговорни и пред сѐ, солидарни.

Сотир Трајков, новинар за култура во ТВ Телма и театарски критичар

На план на култура и уметност, во 2025 година посакувам, како и во 2024, да продолжат убавите гестови од компаниите, да бидат донатори, т.е. да се вклучат во копродукциски театарски проекти. Се разбира, очекувам оваа востановена практиката да се прошири и во други полиња од културата, но пред сѐ очекувам квалитетни уметнички продукти.

Исто така, очекувам интензивирање на соработката меѓу институционалната и вонинституционалната сцена, во сите уметнички дисциплини.

Повеќе пари за културата, фер распределба на средствата од Министерството за култура и туризам и продолжение на реконструкцијата на Универзална сала, за да блесне во полн сјај во 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата.

Многу е важно да се разбере дека е потребно медиумите да го обноват интересот кон културата и уметноста. Тие да не бидат како последниве години, маргинализирани, зашто преку проектите го афирмираме нашиот идентитет, но и културна дипломатија кога се претставуваме во странство.

Не помалку важно е и да се освести потребата од континуитет и професионален пристап во оваа сфера, зашто со партизираноста, реваншизмот и неукоста, завлеговме во статус кво ситуација, која што не држи изолирани и никаде нема да не одведе.

И на крај, најважното: Македонија се брани со посветена и чесна работа. Најголем патриот ќе биде секој уметник и културен работник кој ќе си го заработи лебот со беспоштедна работа, која и нему и на колективот ќе му донесе успех. Сето останато е ветер и магла.

Среќна Нова 2025 на сите уметници и културни работници!

Бојан Шашевски