Агенцијата за култура на Обединетите Нации (УНЕСКО) предупредува дека најголемите историски знаменитости во Украина се наоѓаат во опасност да бидат оштетени или дури уништени додека Русија продолжува со својата воена офанзива.
„Градските центри се сериозно оштетени, некои од нив имаат и споменици кои датираат од 11-от век. Музеите се оштетени, некои со уметнички колекции во нив. Исто така се оштетени и културни локации. Во ризик од исчезнување е целиот културен живот“, објаснува директорот на УНЕСКО за светско наследство, Лазар Елонду, пренесе Еуроњуз.
УНЕСКО посочува дека намерното уништување на културното наследство на една држава потпаѓа под воени злосторства, а од организацијата додаваат дека таргетирање на културни споменици стана воена тактика и обид да се уништат општествата на подолг период.
Во обраќање пред Советот за безбедност на ОН во 2015 година, поранешната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, ваквите постапки ги нарече „културно чистење“.
Украина и Русија имаат многу блиски културни и религиозни врски, но откако Русија ја нападна Украина во 2014 година настана заострување меѓу православните цркви во двете држави.
Имајќи ги во предвид овие политички и религиозни тензии, Елонду вели дека е особено загрижен од борбите во близина на Киев.
„Локацијата за која сме многу загрижени е градот Киев, кој е Светско културно наследство. Градот има две многу важни знаменитости – Катедралата „Света Софија“ и Манастирскиот комплекс Лавра. Овие две локации се важни за раѓањето на Руската православна црква“, вели директорот на УНЕСКО.
Тој ги повика земјите членки на УНЕСКО, меѓу кои и Русија, да избегнат било какво оштетување на локациите од светско културно значење.