Младинската Културолошка иницијатива „5 до 12“ – Охрид ја доби повелбата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“. Покрај нив, повелбата ја добија и клубот за подводни дејности „Охрид“ и здружението на граѓани „Независна аматерска театарска група Аматер.
Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година.
Од Културолошката иницијатива преку Фејсбук посочија дека ова е само „дополнителна инспирација и мотивација, одговорно да продолжиме да ги правиме овие работи.
„Ние сме група на луѓе кои веруваме во нашата визија, го работиме нештото ентузијастички и со многу љубов, бидејќи само со културна револуција може да дојдеме до еволуција. Затоа оваа Повелба нека биде посветена на сите волонтери и сите аматери кои ги работат нештата со љубов и искреност! Нека е честит патронот на градот „Св. Климент Охридски“. Културата расте со младите!“, истакнаа оттаму.
Одлуката за добитниците ја донесе Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Општина Охрид врз основа на објавен конкурс.