Џефри Хинтон, човекот кој често се нарекува и кумот на вештачката интелигенција (ВИ) даде отказ од Гугл, изразувајќи загриженост околу напливот на лажни информации, видеа и фотографии онлајн и можноста ВИ да направи драстични промени во пазарот на работната сила.
Хинтон, кој заедно со двајца негови студенти на Универзитетот во Торонто ја направи невронската мрежа во 2012 година, дал отказ од Гугл оваа недела, пренесе Њујорк Тајмс.
Тој вели дека одлуката ја донел за да може слободно да зборува за опасностите од ВИ и делумно изрази каење за неговиот придонес во ова поле. Тој беше донесен во Гугл пред една деценија токму за развој на ВИ технологијата на компанијата. Неговите истражувања доведоа до актуелните системи како што е „ChatGPT“.
Тој за весникот изјавил дека до минатата година верувал дека Гугл бил соодветен двигател на технологијата, но тоа се променило кога Мајкрософт започнал да го вметнува чет-ботот во нивниот пребарувач Бинг, па компанијата се загрижила околу ризикот по нивниот бизнис на пребарување.
Хинтон за Би-Би-Си кажа дека опасностите од ВИ чет-ботовите се „прилично страшни“, предупредувајќи дека тие можат да станат поинтелигентни од луѓето и може да бидат искористени од злонамерни страни.
„Дојдов до заклучок дека видот на интелигенција кој го развиваме е многу различен од интелигенцијата која ние ја имаме. Тоа е како да имате 10.000 луѓе и кога еден од нив би научил нешто, сите истовремено да го знаат истото. Токму така овие чет-ботови можат да знаат толку многу повеќе од било кој човек“, изјавил Хинтон.
Неговата загриженост на краток рок е нешто што веќе стана реалност – луѓето нема да можат да направат разлика што е вистина, а што не, со сите оние ВИ создадени слики, видеа и текстови кои го преплавуваат интернетот.
Последните надградби на генераторите на слики, како што е „Midjourney“ овозможуваат луѓето да прават фотореалистични слики.
Хинтон исто така вели дека е загрижен дека ВИ евентуално ќе ги замени работните места како оние на личните асистенти, приправниците или слични професии кои вршат рутински задачи, а обемот на засегнати професии во иднина, според него, веројатно ќе расте.