„Кумот на ВИ“ и уште еден научник се добитници на Нобеловата награда за физика

Нобеловата награда за физика годинава им е доделена на два научници Џефри Хинтон и Џон Хопфилд за нивниот придонес во областа на машинското учење.

Британско-канадскиот професор Хинтон на Универзитетот во Торонот кого понекогаш го нарекуваат и „Кум на вештачката интелигенција“, изјави дека е зачуден запрепастен од веста дека ја добил наградата. Тој се повлече од Гугл во 2023 година и предупреди за опасноста дека машините може да ги надмудрат луѓето.

„Не претпоставив дека може да се случи вакво нешто. Многу сум изненаден“, изјави професорот Хинтон јавувајќи се телефонски во Кралската шведска академија на науките и уметностите, неколку минути по објавувањето на веста за наградата.

Пионерското истражување на професорот Хинтон за невронските мрежи го отвори патот за моменталните системи за вештачка интелигенција како што е „ChatGPT“.

Невронските мрежи во вештачката интелигенција се системи слични на оној во човечкиот мозок според начинот на кој учат и процесираат информации. Тие ќе ѝ овозможат на вештачката интелигенција да учи од искуства, како што тоа го прави човекот. Ова се нарекува длабоко учење.

„Тоа ќе биде нешто како Индустриската револуција, но наместо нашите физички способности, ќе надмине нашите интелектуални способности“, изјави професорот Хинтон.

Но, тој изрази загриженост за иднината. Прашан за тоа дали се кае за својот животен труд, тој рече дека би го направил истото повторно, „но, се грижам дека вкупните последици од ова може да бидат системи кои се поинтелигентни од нас и дека евентуално може да ја преземат контролата“.

Тој исто така изјави дека „ChatGPT“ го користи за многу работи, но има на ум дека не секогаш го добива точниот одговор.

Професорот Џон Хопфилд создаде мрежа која зачувува и рекреира шаблони.

Комитетот за Нобелова наградата соопшти дека работата на двајцата научници стана дел од нашиот секојдневен живот вклучително и во алатките за препознавање на лица и преведување.