Професори, институти и здруженија деновиве реагираат за Нацрт концепцијата за реформи во гимназиско образование. Вниманието главно е свртено кон предметите Филозофија, Логика и Етика, откако Бирото за развој на образованието (БРО) и Министерството за образование и наука (МОН) ја отворија и ставија Концепцијата на јавен увид до 1 февруари.
Според дипломираниот професор по филозофија и основач на Здружение за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ Андреј Медиќ Лазаревски, со предложената концепција за гимназиско образование целосно се подрива принципот на гимназиско образование кое подразбира широко и отворено запознавање со сите дисциплини и науки и стекнување на знаења од мноштво области.
Со вака конципирано гимназиско образование, Медиќ Лазаревски вели дека учениците се вртат кон природните и техничките науки не давајќи им доволна можност за запознавање со општествените науки, хуманистиката и филозофијата кои во оваа нова концепција, како што вели, речиси целосно се сведени на изборност, и тоа со почетно ниво на изучување.
„Реформи во гимназиското образование се потребни, но не на овој начин. Исклучувајќи ги целосно од програмата логиката и етиката и менувајќи го статусот на Философијата од задолжителен предмет за сите матуранти во изборен предмет со почетно изучување се доведува под знак прашалник можноста за развивање на критичкото мислење (што во оваа нова концепција стои како еден од основните принципи), креативноста, запознавањето и развивањето на етичките вредности и логичкото расудување, а се доведуваме самите себе, како држава, системски, во позиција да се апстрахираме од современите европски текови кои одат во правец на развивање на философската, критичката, општествената мисла“, вели Медиќ Лазаревски за Радио МОФ.
„Стравот не е само насочен кон намалување на работните места на професорите кои предаваат Философија, Логика и Етика, ниту за бројот на часови, ниту само за тоа колку учениците реално би го избирале овој предмет, туку е насочен кон тоа дека со ваква концепција за гимназиско образование ќе се создава младина која сѐ повеќе ќе биде апатична и незаинтересирана за философските и општествено-хуманистичките прашања, ниту за современите културни проблематики – нешта што се насушни за создавање интелектуална младина“, додава тој.
Преку Фејсбук реагираше и професорот по филозофија, логика и етика Ристо Чулев кој порача дека укинувањето на предметите Етика, Логика, Економија, Филозофија, Социологија, Педагогија, Латински јазик и како што вели укинувањето на љубов и мудрост – во образовниот процес ќе предизвика многу тага кај професорите, учениците, родителите и граѓаните.
„Затоа, барам, но и замолувам, да не ги укинувате предметите, нека има љубов и мудрост во воспитно-образовниот процес, за да има здрави, стабилни, одговорни и креативни личности“, напиша Чулев.
Од Институтот за филозофија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, исто така, го отфрлија понуденото решение. Го категоризираат како „деградирање на статусот на филозофијата како една од темелните дисциплини од хуманистичките науки и директно противречи на прокламираните цели на самата Концепција“.
„Без разлика на тоа каков концепт за гимназиско образование ќе се одбере, во него мора да биде застапен корпусот филозофски предмети – Филозофија (како задолжителен), Етика (како задолжителен) и Логика (како изборен предмет). Како дисциплини чија фундаментално цел е развивањето на холистичкиот пристап кон светот, критичкото мислење и етичките вредности во личното и колективното дејствување, тие го сочинуваат јадрото на гимназиското образование, кое треба да овозможи целосен равој на личноста на ученикот, во интелектуална, морална, социјална, емоционална и физичка смисла“, истакнуваат оттаму.
Ако како база за реформи се земе моделот предложен во Концепцијата, Институтот за филозофија инсистира во гимназиското образование да се врати предметот Филозофија како задолжителен во четврта година, како што е во сегашниот наставен план.
Исто така, да се воведе како задолжителен предметот Етика во трета година, а предметот Логика како изборен во категоријата Изборни предмети за почетно изучување.
И социолозите се приклучија на бранот реакции
Здружението на социолози исто така имаше реакција на Нацрт концепцијата, чиј повод, како што велат, не е само предложениот текст на новата Концепција, туку и реакција на слични активности и „реформи“ што, велат се одвиваат подолг период, а со кои директно се засегнати социолозите и нивниот статус во македонското образование на сите нивоа.
„Здружението на социолози, заедно со Институтот за социологија, реагираше и на Концептот за реформи во основното образование, кој на извесен начин претходни на сегашната нацрт-Концепција, и во тој контекст укажа дека се продолжува со една вообичаена практика нетранспарентно ‘реформирање’ во многу кус временски период на нашето образование кое веќе повеќе ззаличува на ‘невладина организација’ отколку на сериозна институција“, велат од здружението.
Тие даваат и свои аргументи и предлог решенија. Меѓу другото, велат дека Граѓанско образование е предмет кој учениците веќе го изучуваат како редовен во седмо, осмо и деветто одделение, па се на ставот дека во прва година гимназиско образование учениците треба да ја изучуваат социологијата како најопшта општествена наука, како повисоко ниво, како наука која им ги отвора вратите на општествената стварност.
Воедно, во четврта година да се врати филозофијата како задолжителен предмет со барем два часа неделен фонд.
„Се залагаме за поголема вклученост на наставниците социолози во стручните служби покрај педагогот, психологот и дефектологот. Исто така цврсто стоиме на ставот и се залагаме за враќање на нормативот по предметот Граѓанско образование (во основното, стручното и според Нацрт концепцијата) на наставниците по социологија како најкомпетентни за предавање на овој предмет“, се вели меѓу другото во реакцијата.
Средношколците со забелешки, но и позитивни ставови за Концепцијата
Според претседателот на Сојузот на средношколци Берин Мухамед, позитивно е тоа што смеровите, односно насоките, како на пример општествено-хуманистичко подрачје и природно-математичко подрачје повеќе нема да постојат, односно ќе постојат предмети кои учениците ќе ги бираат и така ќе се креира насока од предметите што ги избрале учениците.
„Ова е нешто како американски концепт и е нешто позитивно, но пак, за да биде ова позитивно, ќе треба да имаме услови за имплементирање, но затоа веќе дискутираме и со министерството, а истовремено и предлог концепцијата е во јавна расправа, па има простор да се коментира од сите, и нормално да дојдеме до едно заедничко решение. Истовремено да бидат задоволни учениците, а истовремено и да ги имаме условите во училиштата за да може да се имплементира цело ова“, вели Мухамед за Радио МОФ.
Дополнително, тој истакнува дека позитивно е и тоа што учениците ќе можат да ги следат и предложените предмети во Концепцијата што се „ин“ за нивната генерација, како вештачката интелигенција, социјалните мрежи, медиумската писменост, финансиската писменост и други.
Во однос на насоките, односно „смеровите“ во гимназиското образование, претседателката на Организација за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) Анисија Угриновска за Радио МОФ вели дека има примери од странски земји, особено земји-членки на ЕУ, каде учениците имаат можност да си ги изберат предметите кои што ги учат, а не конкретно да изберат една област.
„И тоа е интересно како концепција, бидејќи, забележуваме земји кои што ние ги земаме за пример за добро образование, дека практикуваат избор на предмети, а не избор на смерови и љубопитни сме за тоа како ќе се изведе. Можеби лош збор е љубопитни, но навистина, бидејќи се има покажано како добра пракса во странство, очекуваме и овде, доколку во секој случај се спроведе, да ги покаже истите резултати, како земјите кои што ги земаме за пример“, рече Угриновска.
Претседателката на ОДАС вели дека Концепцијата ја гледаат како нов обид за подобрување на образовниот систем.
„Како напор за подобрување на образованието, навистина го поддржуваме, бидејќи треба и на учениците да им се обезбеди добра атмосфера, добри услови за учење. Но, од друга страна и на професорите да им се обезбеди добра работна атмосфера, услови за работа кои што се соодветни и како таков го поддржуваме“, вели Угриновска.
Во однос на целиот процес за концепцијата, тврди дека биле вклучени организации за средношколци и студенти, а на состаноците се зборувало за содржинскиот аспект, како и за други важни теми како резултатите од ПИСА тестирањата на учениците, квалитетот на образованието, дигитализација и модернизација на образованието како клучен чекор.
Тие не би имале проблем доколку министерството ја продолжи консултативната постапка.
„Сепак, треба да се консултираат засегнатите страни, како што се правеше досега, но и од друга страна, сметаме дека министерството си е задолжено за да ги обезбеди условите финансиски, материјални и во однос на кадар, за да се исполни ова, но сепак доколку има било каков момент, кој што за нас би бил спорен во иднина, секако дека ќе го истакнеме, бидејќи нели, тоа го имаме правено и досега. Така што, доколку има било каков спорен момент, ние ќе бидеме многу активни во таа ситуација“, рече Угриновска.
Што досега рекоа од МОН и БРО?
Бирото за развој на образованието (БРО) заедно со Министерството за образование и наука (МОН) ги повикаа сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.
Концепцијата, како што наведуваат од БРО на нивната веб-страница, е изготвена со цел да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем.
„Предложениот документ нуди модерни пристапи кои се насочени кон стекнување практични вештини, развивање критичко размислување, интеграција на дигитални технологии и усогласување со меѓународните образовни стандарди, како и поголем избор за учениците, со цел тие самите да можат да го моделираат својот образовен пат, според нивните интереси и идни цели“, рекоа БРО.
Додека група од 31 гимназиски професор преку отворено писмо реагираа дека со концепцијата се отстранети филозофијата и општествено-хуманистичките науки, министерката за образование и наука Весна Јаневска тврдеше дека тоа не е точно.
„Ниту предметот философија, ниту предметот логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт-верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен јавен заклучок“, рече Јаневска.
Концепцијата за гимназиско образование е отворена за јавни коментари до 31 јануари и може да се погледне на следниов ЛИНК.
Мартин Колоски