Дозволувањето на објектите како „Купром“ да останат запуштени сред градска средина, или уште полошо, да се претворат во нови бетонски џунгли, ќе претставува уште еден пораз за Скопје, велат од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град (ЗХГ), откако пред неколку денови организацијата „Културно ехо“ алармираше дека на 29 март објектите на „Купром“ се ставаат на продажба и на нивно место може да никнат нови станбени згради, па побара реакција од надлежните институции.
Од ЗХГ велат дека локацијата е совршена за културен центар, од настани, до галерии, до концерти и простор за секој скопјанец и скопјанка да избегааат од секојдневниот хаос. Локација каде без многу напор, посочуваат тие, институциите може да ја претворат во културна оаза на Скопје.
„Постојат мал милион начини тоа да се постигне, дали преку приватно-јавно партнерство со сегашните сопственици на парцелата, дали преку експропријација (откупување) на земјиштето преку Општина Ѓорче Петров или Град Скопје, или негова пренамена преку новиот ГУП што уште е во изработка“, потенцираат од ЗХГ.
Од иницијативата исплаќаат и порака, охрабрување до граѓаните.
Доколку сакаат да го видат „Купром“ како вистинска градска културна средина, мораат да извршуваат директен притисок во институциите кои можат тоа да го направат реалност.
„Еве како: 1. Испраќај мејлови со поддршка на проектот до секторот за култура и градоначалниците при Град Скопје и Општина Ѓорче Петров: lj.krstevska@opstinagpetrov.gov.mk; gradonacalnik@opstinagpetrov.gov.mk; tatjanabalac@skopje.gov.mk; gradonacalnik@skopje.gov.mk
2.Организирај протест ПРЕД институциите надлежни, вклучително Град Скопје, Општина Ѓорче Петров и Министерството за култура
3.Барај состаноци со твоите претставници во советите на Град Скопје и Општина Ѓорче Петров за тие да дадат поддршка за ваков проект, во најмала рака поради граѓански притисок“, посочуваат од ЗХГ.
За иницијативата нема сомнеж дека борбата за која било тема во Скопје и во Македонија, мора да се одвива заеднички, синхронизирано, и со инволвираност на сите граѓани.
„Не оставајте борбата да ја води една организација, една група или еден човек, надевајќи се и давајќи поддршка само преку социјални медиуми. Сплотете се, само масовноста прави вистински промени во Македонија!“, стои во соопштението на ЗХГ.
Инаку, организацијата „Културно ехо“ долги години наназад „Купром“ ја идентификуваше како една од т.н. „напуштени можности“, градби што се напуштени, но погодни за реупотреба и ревитализација, што би внеле нови моменти во заедничкото живеење во Скопје, наспроти насилниот урбанизам и градење објекти само поради генерирање профит.
Затоа „Културно ехо“ долго време бара „Купром“ да се пренамени во културен центар, или студентски град. Особено што овој историски објект е дел од колективната меморија на граѓаните, а поради оваа фабрика се развиваат Хром и околните населби, како и целата општина Ѓорче Петров.
Пред три години, на 24 март 2021 година, Културно ехо заедно со „СитиСкоп“ и Општина Ѓорче Петров поднесоа иницијатива до Градот Скопје и Агенцијата за планирање на просторот, во која изрично побараа во Генералниот урбанистички план за Скопје – постоечкиот или новиот што е во процес на изработка – основната намена на четврт СЗ 25, каде што се наоѓа фабриката „Купром“, да биде променета од А (домување) во Б (Јавни дејности и институции), со цел да може да се претвори во простор за младите.
Сега, со оглед на тоа дека „Купром“ ќе се продава со јавно наддавање на 29 март, „Културно ехо“ побара од Град Скопје и од Агенцијата за планирање на просторот да го прекинат тригодишниот институционален молк и да излезат со свој став за иницијативата – ја поддржуваат ли оваа промена на ГУП-от или не?
Последен активистички обид да се спаси „Купром“ од градежни апетити
Бојан Шашевски