Кампањата за шестите по ред локални избори во Северна Македонија е во полн ек. Се ветуваат многу работи, а има по нешто за секоја возрасна група. Од тоа не се изоставени и младите луѓе, иако само 3% млади се кандидирани за градоначалници, односно една четвртина за советници. За оваа група граѓани визија имаат и независните листи кои овој изборен циклус беа своевиден феномен со своето формирање, а претежно се составени од активисти за заштита на животната средина. Токму нив ги прашавме, како планираат да го подобрат животот на младите во локалните средини.
Од битолската советничка група „Поинаку“ која по втор пат ќе се бори за место повеќе во Советот за Радио МОФ објаснуваат дека кога во градот ќе има чиста животна средина, добра инфраструктура и зголемен економски развој, им се дава можност и простор на младите уште повеќе да се развиваат.
„Кога ќе имате квалитетно образование, кариерни советувалишта, уредени паркови, велосипедски патеки, бројни културни манифестации, спортски сали, терени и настани… ќе имате задоволни граѓани. Толку е едноставно ако си го сакате градот и се залагате да го работите она за кое сте прифатиле, затоа што ова ни е секојдневие, а не нешто невозможно“, велат тие.
На другата страна од земјава, „Зелен Хуман Град“ ќе се обиде да влезе во Советот на Град Скопје. Речиси половина од советничката листа, како што објаснуваат ја сочинуваат млади луѓе, па оттука велат дека не можат да зборуваат само за ветување, туку и за самозастапување, додавајќи дека младите се клучен дел од нивната иницијатива.
„Ефективното вклучување на младите во работата на градот е еден од нашите приоритети, па преку платформата за директна демократија ‘МојГрад’ им обезбедуваме канал за континуирана комуникација со Градот. Дел од проектите кои сметаме дека ќе резонираат кај младите се: развојни програми за нови социјални претпријатија и поддршка на веќе основаните мали зелени бизниси, како и организирање хакатони со цел создавање решенија за социо-еколошките проблеми директно од младите“, најавуваат тие.
Додаваат и дека на младите мора да им се обезбедат можности да го осознаат и реализираат својот потенцијал преку насочен ангажман поради невработеноста за која велат дека е на исклучително високо ниво.
„Обезбедуваме и програми за заживување на занаетите и поддршка за стручно образование. Не го забораваме и ревитализирањето на напуштените простори кои може да се претворат во кул места каде што младите ќе може да се релаксираат, да се дружат и да ги изразат својата креативност и творечкиот ентузијазам“, ветуваат тие.
Во меѓувреме, „Зелен Хуман Град“ смета дека е клучно да се врати довербата на младите во институциите и да се пробуди активизмот во нив, односно желбата да бидат активни граѓани кои придонесуваат во заедницата.
Независна советничка листа се формираше и во Тетово, која активистите ја нарекоа „Подобро за Тетово“. Тие објаснуваат дека нивната платформа е базирана на три главни столба, односно транспарентност и отчетност, чиста животна средина и јавни зелени површини и одржливо урбанистичко планирање.
Дополнително, децидни се дека не даваат ветувања како политичките партии, туку дека ги слушаат барањата на младите, за кои најавуваат дека потоа ќе ги артикулираат во советот на општината.
„Со посветување на овие три точки, ние директно создаваме придобивки за младите за Тетово да биде град во кој ќе можат да живеат, а не само да преживуваат. Ако немаме транспарентност и отчетност, не знаеме како и каде се трошат даноците и парите на граѓаните, каде што добар дел од нив ќе треба да се посветат на разни проекти и програми за младите“, велат од „Подобро за Тетово“.
За време на пандемијата, кога кафулињата се затворија, од советничката листа велат дека се соочиле со фактот дека кафетериите се единствената „институција“ за социјализација на младите.
„Тетово треба да има јавни простори кои се активни за младите, да понудат интерактивност меѓу нив без разлика дали се за спорт или за разни културни и забавни настани како дел од урбаниот живот. Секој ден од Тетово се крадат и останатите зелени површини што ги имаше Тетово кои се бетонизираат за интересите на урбаната мафија. Спортскиот центар е намерно занемарен за подоцна да биде узурпиран за изградба. Ова мора да се спречи. Тетово се испразнува од младите. Моделите за успех и start-up се можности за нови работни места и кај нас. Со поддршка ова може да се направи“, децидни се тие.
Потребите на младите во голема мера се поклопуваат со она што му треба секому во пренатрупаните градски средини, велат активистите од Карпош кои исто така излегоа со своја советничка листа наречена „Независни за Карпош – за заштита на Карпош“.
„На сите ни треба чист воздух, јавен простор кој не е искомерцијализиран, каде луѓето можат да се дружат, спортуваат и уживаат во чиста и пријатна околина. Дополнително, на сите ни се потребни паркови со клупи за социјална интеракција, тревници за пикници и дружења, како и иницијативи за одржување на зеленилото и урбаната опрема и создавање катчиња посебно привлечни за потребите на младите. Ќе се вложиме максимално за нереализираниот парк во Карпош покрај кејот, за кој идејата потекна токму од граѓанските иницијативи од Карпош, конечно да стане стварност“, ветуваат тие.
Силен фокус, како што објаснуваат тие за Радио МОФ ќе им биде создавањето нови спортски игралишта, реновирање на старите, но и подобрување на велосипедската инфраструктура. Истражувањата кои тие ги спровеле, објаснуваат дека покажуваат хроничен недостиг од повеќенаменски спортски терени во секое маало, за баскет, фудбал, како и повеќе велосипедски патеки и патеки за електрични тротинети.
„Веќе се залагаме и ќе продолжиме да влијаеме салата Партизан да биде реновирана, а нејзината намена задржана, и потоа да биде достапна за сите граѓани, а особено за децата и младите кои имаат потреба од простор за спортување кој можат да си го дозволат. Дополнително, простории во салата треба да се стават на располагање на младите за организирање активности како клубови, места за играње друштвени игри, за одржување креативни работилници и слично“, додаваат „Независни за Карпош“.
Истовремено, тие посочуваат како на сите им е подеднакво потребна почит и слух за специфичните потреби и проблеми со кои одредени групи граѓани се соочуваат. Па оттука велат дека ќе најдат начин за воспоставување двонасочна комуникација со младите за да ги слушнат барањата и да им помогнат да се реализираат нивните потреби низ иницијативи кои општината ќе мора да ги поддржи.
Радио МОФ ја контактираше и советничката група „Че вреди“ од Прилеп, од каде кусо не упатија да ги погледнеме нивните приоритети.
Од она што прилепчани го нудат за младите се вбројува младински културен центар, „поддршка за највозрасните и најмладите“, како и „современи услови во образовните и предучилишните установи“.
Првиот круг од локалните избори е предвидено да се одржи на 17 октомври, додека вториот круг на 31 октомври.
Колку млади ќе има на гласачките ливчиња на локалните избори [Инфографик]
Мартин Колоски