Со пуштање во употреба на новата мониторинг станица во Гевгелија, од денеска ќе се мери квалитетот на воздухот во овој град, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Покрај набавката на мониторинг станицата, надлежните посочуваат дека е направена и комплетна замена на сите инструменти во мерната станица Битола 1, но и дека се набавени и инструменти за мерења на ПМ 2.5 честичките за мерната станица Битола 1 и за Гевгелија. Ваквите активности се спроведуваат преку проектот „Развој и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот“.
„Исто така, набавени се два автоматски стандардни/референтни ниско волуменски семплери за мерење на суспендирани честички (Пм10 и ПМ 2,5) и истите се поставени во близина на мерните станици Битола 1 и Гевгелија. Дополнително во рамки на проектот ќе се направи проценка на влијанието на квалитетот на воздухот врз здравјето на луѓето во прекуграничниот регион, ќе се
развие здравствен индекс, ќе се зајакне прекуграничната соработка преку организирање на тематски обуки, ќе се подготват и спроведат повеќе активности за подигнување на јавна свест на граѓаните“, се вели во соопштението на МЖСПП.
Бројот на официјалните мониторинг станици, вклучувајќи ја и мерната станица во Гевгелија, сега се зголеми на 18 и уште една дополнителна, мобилна мерна станица, додаваат од ресорното министерство.