Комисијата за заштита од дискриминација по повод престојниот Ден на жената 8 Март изразува загриженост за високиот степен на дискриминација во областа на вработувањето и работните односи, што, како што посочува, се изразува преку пониските плати на жените, нивниот помал процент на раководни и подобро платени работни места и големиот број на огласи за вработување кои го оневозможуваат вработувањето на жените, а пред се на повозрасните.
„Комисијата е загрижена и за статусот на бремените жени, мајките, самохраните мајки и мајките на децата со попреченост како на работните места, така и во останатите области на општественото живеење. Потсетува на потребата за засилени активности за да им се обезбеди еднаков третман на возрасните жени, жените со попореченост, жените ромки, жените во социјален ризик и самохраните мајки во здравствената и социјална грижа, домувањето и пристапот до услуги“, се вели во соопштението од КЗД.
Од Комисијата апелираат до образовните институции и единиците на локалната самоуправа за поголема свесност за потребата од поголема опфатеност на девојчињата Роми, од руралните средини, од сиромашните семејства и оние со попреченост, во образовниот процес.