Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗСД) известуваат дека е утврдена директна продолжена дискриминација врз основа на попреченост и повреда на правото на еднаквост и нееднаков третман при уживањето на правата на здравствена заштита од примарно, секундарно и терцијално ниво при издржување на затворска казна, извршена од страна на КПД Идризово Скопје.
Продолжената дискриминација се смета за потежок облик на дискриминација.
„КСЗД постапуваше по претставка од осудено лице од Скопје преку неговиот адвокат, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници, која беше поднесена поради сомневање за сторување директна дискриминација врз основа на попреченост и повреда на правото на еднаквост и нееднаков третман. Осуденикот, како лице со траен 100% инвалидитет, стекнат по сообраќајна несреќа во 2009 година, не можел непречено да ги извршува секојдневните активности, физиолошки потреби, ниту пак посетувал редовна физикална и хидро терапија како осудено лице“, велат од Комисијата.
Оттаму објаснуваат дека тоалетите во установата биле претесни, поради што осуденото лице не можело да пристапи до нив со својата инвалидска количка, а поради неприспособените тушеви, тој морал да се тушира во отворените делови, без никаква интимност. Дополнително, тој не бил во можност ниту да ја добива препишаната редовна терапија бидејќи во установата не постои можност за такви здравствени услуги, а поради неприспособената инфраструктура, не можел да пристапи ниту до затворската амбуланта.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побарала изјаснување од страна на КПД Идризово за овој случај, по што установата известила дека поради недостиг на финансиски средства, и покрај реноворањето, инфраструктурата не се подобрила во насока на подобрување на условите за живот на затворениците, особено на оние со одредена попреченост, поради што ова лице е третирано на начин кој е споменат.
„Во дописот од установата, исто така, е наведено дека осуденото лице било потпомогнато во извршување на секојдневните активности од страна на неговиот брат, со кого заедно издржуваат казна, поради што тој одбил да биде преместен во новото полуотворено одделение каде што условите биле посоодветни, но би бил разделен од братот, од чија помош е целосно зависен. Изјавата на осуденото лице била без наведен датум, па не може да се утврди во кој период му била дадена понудата за преместување“, истакнуваат од Комисијата.
Од КПД Идризово известиле дека повремено се случува да има недостаток на лекови, како и спреченост да се користи здравствена заштита на секундарно и терцијално ниво поради мерките против КОВИД-19.
Oд Комисијата велат дека во самата установа, здравствена заштита овозможуваат само 1 лекар, 1 стоматолог и 2 медицински сестри.
КСЗД го проверила и здравственото досие на ова осудено лице, во кое, меѓу другото, е содржано и стручно лекарско мислење од август 2020, во кое се наведува дека лицето, поради здравствената состојба, има неопходна потреба од константна нега на трето лице, поради што не е во медицинска можност да ја отслужува затворската казна со оглед на условите во затворските установи во државата.
Во својата одлука, КСЗД посочува дека според Законот за спречување и заштита од дискриминација се утврдува забрана за вршење на дискриминација, по кој било основ, вклучително и попреченост.
Дискриминацијата е забранета и со Законот за извршување на сакнции, каде е наведено дека со лицата спрема кои се извршуваат санкциите, се постапува човечно, со почитување на човековата личност и достоинство, зачувување на нивното телесно и душевно здравје, водејќи притоа сметка за остварување на целите на одделни санкции и мерки. Со овој закон се забранува и секој облик на мачење, нечовечно или понижувачко однесување и казнување. Осуденикот има и загарантирано право на здравствена заштита на сите нивоа.
Комисијата наведува дека Република Северна Македонија во 2011 година ги ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност и Факултативниот протокол кон истата.
КСЗД упатува и на основните начела на Европските затворски правила, во кои стои дека со сите лица лишени од слобода се постапува со почитување на нивните човекови права.
„Лишените од слобода ги задржуваат сите права кои не им се законито одземени со одлука со која се осудени или со која се задржуваат во притвор. Покрај тоа што затворениците треба да имаат пристап до санитарни простории и да можат да се истушираат најмалку два пати седмично, Комисијата нагласува дека од особена важност е правилото дека затворските услови кои ги загрозуваат човековите права не можат да се оправдаат со недостаток на материјални средства“, велат оттаму.
Од Комисијата наведуваат дека несоодветното ниво на здравствена заштита може брзо да доведе до состојби кои се опфатени со терминот ,,нечовечно и понижувачко постапување’’.
„Неприфатливо е да се присилуваат осудените лице да престојуваат во установа во која не можат да добијат соодветен третман заради немање соодветни капацитети или затоа што таквите капацитети, односно установи, одбиваат да ги примат за третман. КСЗД наведува дека во неколку вакви ситуации, Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на Европската конвенција за човекови права“, дополнуваат оттаму.
Имајќи ја предвид документацијата, извршениот увид во затворот, како и одредбите и инструментите за заштита на човековите права, КСЗД утврди дека КПУ-КПД Идризово, уште при приемот во установата на 8 јуни 2020 година, воопшто не ја зел предвид здравствената состојба на осуденото лице и посебните потреби нотирани во здравственото досие.
Тоа значи дека тој подолго време е изложен на нотираните дискриминаторски активности, што според Законот за спречување и заштита од дискриминација, претставува продолжена дискриминација, како потежок облик на дискриминација.
КСЗД препорачува на затворската установа во рок не подолг од 30 дена да преземе мерки и активности за да му овозможи на осуденото лице сместување во објект во кој ќе може без никакви препреки да се движи во својата инвалидска количка и да ги извршува секојдневните активности и физиолошки потреби во соодветни хигиенски услови.
Поради констатираната неопходност од нега од трето лице, се препорачува директорот да му го обезбеди и тоа право, како и правото на непречен пристап до здравсвени услуги од примарно, секундарно и терцијално ниво, со што би се овозможило отстранување на повредата на правото на еднаквост и би се отстранила констатираната директна продолжена дискриминација. Доколку лицето кон кое е упатена препораката не постапи по истата, Комисијата ќе поведе прекршочна постапка пред надлежниот суд.