Вчера вечер, во кино салата Фросина во Младинскиот Културен Центар во Скопје беше отворено 39. издание на Младиот Отворен Театар. Според зборовите на директорот на МКЦ, Златко Стевковски, МОТ и оваа година се стреми да и пружи на македонската публика можност за одмор од „дребните политиканти и транзициските арамии“ кои го окупираат нашето секојдневие. Освен Стевковски, на присутните топло добредојде им посакаа и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ.
Официјалната програма на фестивалот ја отвори претставата „Ла мама кантата “ на Њујоршкиот театар „Ла мама“. Во режија на Елизабет Свадос, „Ла мама кантата“ претставува музичка биографија на Елен Стјуард – основач на истоимениот театар во 1961-вата година. Елен или Ла мама, како што ја нарекувале сите поради големата љубов и посветеност која им ја пружила, во текот на целиот свој живот се борела за надминување на расната дискриминација, за олеснување на политичките и социо-економските кризи од кои патат уметниците. Работела и на подигнување на јавната свест за еднаквоста помеѓу луѓето, за важноста на слободата на изразување, за благородниот ефект кој уметноста може да го предизвика доколку и дозволиме да не освои. Токму поради тоа рефренот на една од главните композиции во овој мјузикл гласи :
„ Променете ги вашите срца
Отворете ја својата уметност
Отворете ги своите умови
И споделете ги своите дарби со светот.“
Десетчлениот тим на театарот Ла мама ја однесе публиката на патување низ Луизијана во периодите кога афро-американците немале никакви права, до првиот ден на Елен во Њујорк кога ја добила и својата прва официјална работа како дизајнер. Го следиме и закупувањето на првиот простор наменет за вежбање и играње на претстави, проблемите со разно разни инспекции и градски службеници, патувањата низ целиот свет, како и угостувањето и сплотувањето на уметници од сите страни на планетата. „Ла мама кантата“ е одлично направен преплет од отпеани дијалози и „заразни“ world music композиции, проследени со колаж од многу фотографии, искрени сеќавања и важни животни лекции.
Уметниците, застанати позади своите микрофони или пак седнати на едноставните столчиња, ја преточија целата своја енергија во изведување на композициите, танцување и остварување на директен контакт со публиката. Секој од нив, со својот специфичен сензибилитет и талент, отелотворуваше различни ликови и ситуации од животот на Ла мама. Така, сите заедно ја запознаа публиката во салата Фросина, со големата фамилија уметници за кои Елен Стјуард претставува засолниште од проблемите.
Јована Ѓорѓиовска