Лабораториите од научните институции ќе ги презентираат услугите пред компании

Услугите на 24 лаборатории инсталирани на јавните високообразовни и научни институции до крајот на месецов ќе бидат презентирани пред бизнис-секторот, за тој да се запознае со апликациите и истражувањата што тие ги прават во различни области.

Лабораториите од научните институции ќе ги презентираат услугите пред компании

Тие се меѓу 80-ина лаборатории кои досега ги набави Владата и кои чинат 1,6 милијади денари. Министерството за образование и наука ги покани компаниите да присуствуваат на јавните презентации, чиј распоред ќе го објави утре на својата веб-страница и во дневниот печат. Првата презентација ќе биде на 4 октомври на Машинскиот факултет-Скопје, а последната на 28-ми на Техничкиот факултет во Битола.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција рече дека на компаниите ќе им се овозможат услуги кои порано им биле тешко достапни и можни во далечни земји и за многу повисоки цени. Целта на презентациите е и дополнително поттикнување на соработката меѓу науката и стопанството.

„Ќе бидат презентирани услугите на вкупно 24 лаборатории кои можат да вршат истражувачки и апликативни дејности во повеќе области кои ги засегаат компаниите, како градежништво, текстилна индустрија, информатика и комуникациски технологии, телекомуникации, дигитална аудиовизуелна продукција и постпродукција, сообраќај и транспорт, животна и работна средина, земјоделство и безбедност на храна. Во овие 24 лаборатории се инвестирани речиси 500 милиони денари и по своите специфичности тие се меѓу ретките во регионот“, рече Ристовски.

Митко Алексов од Сојузот на стопанските комори рече дека се во голем број и значајни претпријатијата што ќе ја користат лабораториската опрема.

„Компаниите ќе имаат можност да ја зголемат иновативноста, конкурентноста, а со тоа и шансите за позиционирање на своето производство на странските пазари. Незначителен број од нашите производствени капацитети можат да си дозволат да поседуваат развојни и истражувачки лаборатории, па на овој начин значително се придонесува кон нивните потреби за подобрување на квалитетот и создавање нови и конкурентни производи. Тие ќе значат и намалување на трошоците, заштеда на време и избегнување на логистиката што е потребна испитувањата да се направат во странство“, рече Алексов.

И претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески ги посочи бенефитите од лабораториите и очекувањата од нив.

„Македонија е мала земја без голем пазар и подобрувањеето на квалитетот е начин да ја добиеме битката за нашиот опстанок на светските пазари. Од лабораториите очекуваме да работат на сопствено надградување на кадарот, да ги следат светските трендови и во партенрски однос со компаниите да ги пренесат нивните искуства“, рече Азески.

Џемал Даути од Стопанската комора на северозападна Македонија исто така истакна дека лабораториите ќе создадат добра врска меѓу стопанството и научните институции, што ќе ја подобри конкурентноста на постојните производи, но ќе биде и добра основа компаниите да создадат нови производи.