Едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје организира утринска дискусија утре, 6 декември, со почеток во 10 часот, на која ќе го лансира новиот „Senior kLab“ – иницијатива посветена на создавање простор кој одговара на потребите и интересите на пензионерите. Настанот има за цел да ги слушне мислењата на повозрасните сограѓани, како и да ја засили меѓугенерациската соработка преку нови и инклузивни активности.
„’Senior kLab’ е инспириран од успешните меѓугенерациски проекти на Лабораториум во изминатата година, кои покажаа дека пензионерите од Скопје се желни за активен социјален живот. Настанот ќе понуди можност учесниците да споделат идеи, да дискутираат за своите потреби и да учествуваат во креативна работилница, со цел заеднички да се креираат идни активности кои ќе го направат ‘Лабораториум’ пријателски и отворен простор за сениорите“, истакнуваат оттаму.
Настанот е бесплатен и отворен за сите пензионери. „Лабораториум“ е лоциран на булевар Св. Климент Охридски 68 (поранешната печатница на „Нова Македонија“), а заинтересираните може да се информираат на бројот 070/359-419.