Словенечкиот авангарден бенд Laibach се закани со тужба за хрватскиот политичар од екстремно десничарската партија Хрватски демократски сабор на Славонија и Барања, Бранимир Главаш, затоа што искористил нивна песна во промотивна видеоснимка во кампањата.
Минатата недела, бендот во соопштение најави тужба за повреда на авторските права против партијата, откако песната „Geburt einer Nation“, била употребена во промотивната снимка без дозвола.
Партијата, чиј почесен претседател е осомничениот воен злосторник Главаш, ја искористила песната на Laibach од 1987 година за промоција на Славонската соколска гарда, униформирана младинска единица на партијата. Гардата за првпат се појави во јавност на снимка на хрватскиот весник 24 часа, на која се гледа како група млади луѓе облечени во црни униформи, носат партиски и хрватски знамиња.
Нивната обука била под надзор на Главаш, кој Инсистира дека не се работи за партиска војска, туку за „спортско-рекреативна секција, која исто така ќе се грижи и за обезбедувањето на партиските собири“.
Почесниот претседател на партијата во јануари беше ослободен од притвор поради процедурални проблеми на неговото судење за воени злосторства. Тој е обвинет е за убиства на српски цивили во Осијек во 1991 година, а во моментов чека повторно судење.