Ланчиња и додатоци за кои се тврди дека ги „заштитуваат“ луѓето од мобилните мрежи 5Г се радиоактивни, објави холандското тело за нуклеарна безбедност и заштита од радијација (АНВС).
АНВС издаде предупредување за десет производи за кои откри дека испуштаат штетно јонизирачко зрачење, па ги повикаа луѓето да не ги користат производите, што може да предизвикаат штета со долгорочно носење, пренесува Би-Би-Си.
Светската здравствена организација веќе потврди дека мобилните мрежи 5Г се безбедни по здравjето на луѓето и не се фундаментално различни од постоечките 3Г и 4Г сигнали.
Мобилните мрежи користат нејонизирачки радио бранови кои не ја оштетуваат ДНК.
И покрај ова, имаше напади од луѓе кои веруваат дека се штетни.
Идентификуваните производи вклучуваа маска за спиење „Energy Armor“, нараквица и ѓердан. Беше откриено дека и детска нараквица, означена како Magnetix Wellness, емитува зрачење.
„Не ги носете повеќе, оставете го безбедно и почекајте ги упатствата за враќање“, се вели во соопштението на АНВС.
„На продавачите во Холандија познати на АНВС им е кажано дека продажбата е забранета и мора веднаш да се прекине и дека мора да ги информираат своите клиенти“.
Теориите на заговор поттикнаа пазар на уреди „анти-5Г“ за кои обично се открива дека немаат ефект.
Во мај 2020 година, службеници за стандарди за тргување во Британија се обидоа да ја запрат продажбата на УСБ стик од 339 фунти за кој се тврдеше дека нуди „заштита“ од 5Г.
Таканаречените „стикери против зрачење“ се продаваат и на Амазон.
АНВС објави целосна листа на производи кои ги идентификуваше како радиоактивни на својата веб-страница.