Проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски со соработникот Моника Мотеска и Националната галерија (НГМ) е избран за официјален претставник на Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година.
Во образложението на стручната комисија при Министерството за култура се вели дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни, локални и национални, а сепак универзално препознатливи.
„Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерира односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со останатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката (Ана Франговска) го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето ‘Млеко од соништата’“, се вели во образложението.
Од министерството информираат дека на конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција, во организација на „La Biennale di Venezia“ (Венециско биенале), годинава пристигнале пет пријави. Една од нив не се разгледувала откако подносителот доставил писмено известување дека го повлекува проектот од учество на Конкурсот.
Останатите проекти кои пристигнале и се разгледувале се:„Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје); „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ (НУ Музеј на современата уметност – Скопје).
Венециското биенале на уметноста ќе се одвива од 23 април до 27 ноември 2022 година.