Регионалната дигитална платформа „Creative Gate“ за поврзување креативни индустрии на Западен Балкан официјално беше претставена во рамки на ПИН Музика конференција на 29 ноември во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
„Доколку раководите со културен центар, фестивал, или настан во областа на музика, филм, театар, танц, архитектура, визуелна уметност и други уметности, регистрирајте се на платформата и откријте ја магијата на соработката со вашите колеги од целиот Западен Балкан. Регистрирајте се на линкот“, велат од „Пасворд продукција“.
Како што објаснуваат оттаму, платформата има за цел да ги олесни соработката и размената на идеи, градејќи посилни врски меѓу културните заедници во регионот.
„Оваа иновативна платформа е замислена како катализатор за развој на културните и креативните индустрии, поттикнувајќи дијалог и зајакнување на социјално-економските влијанија во регионот. Со ‘Creative Gate’, културата добива ново место за раст и развој преку вмрежување, соработка и заеднички успеси. Оваа платформа е создадена да го поддржи секој чекор на креативците од регионот, овозможувајќи им простор каде нивните идеи можат да се трансформираат во значајни проекти“, се вели во соопштението.
Создадена од EXIT Фондацијата и фестивалот Таксират, „Creative Gate“ е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансиран од Европската унија. Платформата „Creative Gate“ е координирана и поддржана од UNESCO, British Council и Италијанската Агенција за развој (AICS), со заедничка мисија да создадат одржлив и инклузивен креативен екосистем, кој го вреднува културното наследство и иновациите како темели за регионална соработка.