По повод 1во Мај, Меѓународниот ден на трудот, со цел да се поттикне решавање на проблемите на работничките и работниците и на пазарот на труд, „Реактор – Истражување во акција” ја лансираше веб платформата „Пријави дискриминација”.
Пријави дискриминација е платформа против дискриминацијата на работно место и дискриминација при барање на работа, вработување, или во врска со работата. Платформата овозможува анонимно споделување на дискриминација при барање на работа или на работното место. Целта е ситуациите и повредите на работничките права кои често се прикриени и остануваат неприкажани и непријавени, да бидат собрани на едно место и да се овозможи нивна анализа.
Платформата има за цел да го измери опсегот на проблемот, но и да идентификува каков тип на дискриминација и повреди се јавуваат на пазарот на труд, за да се предложат соодветни решенија. „Исто така, се надеваме дека преку платформата ќе успееме да ја поттикнеме свеста на граѓаните, ќе ја зголемиме одговорноста кај работодавачите и на тој начин ќе придонесеме за намалување на дискриминацијата и подобрување на работната околина за сите нас.
Преку анонимните споделување на искуствата за 9 различни категории, ќе се отслика моменталната состојба со повредите на работничките права на пазарот на труд во државата, особено повредите и дискриминацијата која настанува врз основа на пол или родов идентитет. Недостатокот на релевантни податоци дополнително укажува на потребата за ваква платформа преку која ќе се обезбедат навремени податоци за фактичката состојба со дискриминацијата и повредата на работничките права.
Веб платформа може да послужи и во работата на новинарите, а особено за истражувачкото новинарство. На платформата „Пријави дискриминација” можете лесно и едноставно да добиете податоци за 9 клучни категории, како што се плата, унапредување, вознемирување и слично“, информираат од Реактор.
„Пријави дискриминација” е креиран и одржуван од страна на „Реактор – Истражување во акција” преку проектот Совет за родова еднаквост и УСАИД Македонија преку проектот на УСАИД за граѓанско општество, имплементиран од страна на Фондација Отворено општество – Македонија.