Студентите кои бараат оставка од владата во Бугарија, со ланци и катанци ја блокираа вратата на главната зграда на универзитетот во Софија, инаку „окупирана“ веќе 19 дена.
„Прогласуваме целосна окупација“, објавија студентите од Софија на својата Фејсбук страница.
Демонстрантите едногласно решиле да не дозволуваат во зградата да влезе никој друг освен професорите кои ги поддржуваат. Вработените од администрацијата и новинарите, исто така остануваат надвор од универзитетот, објави БНТ.
На состанокот меѓу претставници на раководството на универзитетот и демонстрантите-студентите е донесена одлука дека државниот устен испит по право, кој е планиран за утре, да се одржи на Факултетот за новинарство . Уште не е јасно што ќе се случи со спроведување на останатите државни испити и со претстојната студентска сесија.
Одлуката за целосна окупација е донесена по вчерашниот т.н. „Марш на правдата ” , кој беше одржан во Софија . Поради големата поддршка која ја добија на протестот, но и апатијата од надлежните, студентите одлучија да преземат нов чекор и целосно да го окупираат најголемиот Универзитет. Втората причина, како што наведува БНТ, е тоа што и вчерашниот марш не е доведе до оставка на Владата и кабинетот на Орешарски.
Академскиот совет уште во почетокот на окупацијата се огласи со поддршка на учениците за нивните барања за повеќе морал во политиката , но ја осуди окупацијата како форма на протест . Студентите кои демонстрираат се категорични дека нивната окупација ќе трае додека Владата не даде оставка.
И денеска во Софија се собраа околу 4 илјади антивладини демонстранти. Професори, глумци и интелектуалци ги поддржаа студентите носејќи транспаренти со натписи „Доле мафија“ и „Ние остануваме, вие емигрирајте“. Студентите од другите градови во знак на поддршка на софиските колеги исто така блокираа најмалку 18 други универзитети низ целата земја.
Бугарија е една од најсиромашните членки на Европската Унија и ја тресат масовни антивладини немири од февруари. Во меѓувреме владата се смени, но протестите продолжија.