Лавина реакции и осуди за говор на омраза по нападот на новинарите од А1он

Нападот на синоќешниот протест врз новинарот Александар Тодевски и снимателот Владимир Желчевски од порталот А1он создаде вулкан од незадоволство, а лавата во изминатава вечер и утрово се прелеа по социјалните мрежи и медиумите. Повторно се отворија дискусии за состојбата на медиумите во земјава, третманот кон новинарите, но и омразата која ја генерираат политичарите и јавните личности, а се пресликува по улиците.

Во својата реакција Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) нападот врз екипата на А1он на протестот на „За заедничка Македонија“ го окарактеризира како вандалски, потенцирајќи дека ова не е прв пат да се претепуваат новинари, а дополнително ги загрижува што напаѓачите остануваат неказнети.

„Токму ваквиот однос кон новинарската професија, меѓу другото, допринесува Македонија секоја година дополнително да тоне на меѓународните листи за слобода на печатот и да гравитира поблиску до земји како Северна Кореја, отколку до современите демократии. Дополнително, овој инцидент е резултат неодговорните политичари и нивните приврзаници чиј говор на омраза преку медиумите и социјалните мрежи токму на ваков начин се сели на улиците“, рекоа од ССНМ.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани смета дека се работи за кукавички напад. Според него, главен инспиратор на нападот против колегите Тодевски и Желчевски е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој  го повика Груевски „да ги собере неговите насилници од улиците и да им нареди повеќе да не им текне да напаѓаат новинари“.

„Знаете зошто ние имаме прово да се сомневаме дека Груевски стои зад нападот на новинарите? Затоа што во изминатите пет години, додека тој беше премиер на Македонија, се случија 40 напади против новинари, а неговата влада не расветли ниту еден. Ниеден насилник не беше изведен пред лицето на правдата. Напротив, насилството беше толерирано, дури што неговиот заменик Владимир Пешевски среде бел ден во Скопје физички нападна новинар. Неговото лично обезбедување влезе во просториите на Телевизијата 21 и принуди новинар да ги избрише сликите со Груевски. Во негов мандат беше затворена А1 Телевизија, најгледаната приватна телевизија во Македонија. Беа апсени двајца новинари со апсурдни обвиненија. Додека неговиот братучед раководеше со тајната полиција над 100 новинари беа прислушувани. Медиумите под негова контрола постојано спроведуваа кампањи против новинари со цел нивна јавна дискредитација. Истите медиуми, постојано ширеа говор на омраза со повикување на јавен линч против новинари само затоа што ги критикуваа неговите политики“, реагираше Селамни преку социјалните мрежи.

Тој предложил на членовите на Управниот одбор денес да повикаат на протест пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но конечна одлука за такво нешто би било дополнително соошпштена.

Советот за етика во медиимите сметаат дека инцидентот е потрда за, како што велат, тенденциозните обиди да се загрози слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана. Според нив, ова не е изолиран инцидент, а трендот на насилство и попречување на работата на новинарите и медиумските работници продолжува да биде сериозен проблем.

„Неказнивоста на нападите врз медиумите е недозволива, а безбедноста на новинарите мора да биде подобрена и ослободена од какви било закани и притисоци. Со членот 10 од Европската конвенција за човекови права, државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да создаде и одржува поволна средина за слобода на изразување. Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери. Во исто време, потсетуваме и на минатогодишниот извештај на Фридом Хаус, според кој медиумите во Македонија се предмет на политички притисок и вознемирување, што резултира со самоцензура, а државата се оценува како неслободна во однос на статусот на слобода на медиумите“, се вели во соопштението на Советот за етика.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во својата реакција наведоа дека безбедноста и животот на медиумските професионалци во ниту еден случај не смеат да бидат загрозени.

„Напротив, ним секогаш треба да им биде овозможено непречено да известуваат за сите настани и случувања, а особено во општествено-политички мигови кои се од исклучителна важност“, соопштија од АВМУ.

ЦИВИЛ – Центар за слобода го изрази згрозување и најостра осуда на, како што велат, актите на насилство во Скопје и другите градови во Република Македонија. Сметаат дека одговорни за говорот на омразата и за повиците на етничко и политичко насилство во земјата се токму структурите на моќта кои сè уште се на власт, а чии високи претставници се под истрага за сериозни криминални дела, злосторничко здружување, тешки злоупотреби и изборни измами.

„Ги повикуваме граѓанките и граѓаните на нашата земјата да не подлегнуваат на манипулации. Да не наседнувааат на повиците на лажна одбрана на нешто што не е доведено во прашање, бидејќи во прашање не е ниту одбрана на јазикот, ниту идентитетот, ниту историјата, туку во прашање е уште еден обид да се одвлече вниманието од срамното разоткривање на криминалните структури во нашата земја“, соопштуваат од ЦИВИЛ.

Од таму нагласуваат дека тепањето новинари и недолжни минувачи, не само што е тежок криминал, туку е крајно неморален и кукавички чин. Според ЦИВИЛ, да се бара слобода, правда и демократија е возвишена човечка должност и одговорност, не предавство. Истовремено, велат тие, да се тепа, мрази и брани криминалот – тоа е предавство.

Реакции и осуди за нападот врз новинарите стигна и од партиите. СДСМ побара Никола Груевски и, како што велат, криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ „веднаш да престанат, за спас на сопствената кожа, да провоцираат и поттикнуваат нецивилизирано дивеење кое што вечерва кулминира со тешки телесни повреди на медиумски работници“.

„Повиците за линчови, говорот на омраза, нарачаните инциденти во кои има каменувања и кршење објекти, обидите за вознемирувања на семејства во домови мора веднаш да запрат. Овој начин што го избра режимот во заминување, да страдаат невини луѓе, за криминалците да не понесат одговорност за злоделата што 10 години ги прават врз граѓаните во Македонија, е уште една потврда за исправната одука на мнозинството граѓани за промени и потребата од итен и неодложен мирен трансфер на власта“, соопшти СДСМ.

И ВМРО-ДПМНЕ го осудува нападот на екипата на порталот А1он и сметаат дека е крајно недемократски и непримерно да се напаѓаат медиуми и екипи поради нивното известување за настани и случувања.

„ВМРО-ДПМНЕ го осудува овој немил настан, исто како што претходно го осуди нападот на новинарската екипа на МРТ на митинг на СДСМ, нападите врз новинарите Антонио Димитриевски, Јанко Илковски, Дејан Николовски, Ивона Талевска, заканите по живот за новинарите на порталот Курир, демолирањето на РСМ и слични инциденти кои ги предизвикуваа членови, активисти и симпатизери на СДСМ. Трагично е што СДСМ дури и кога се случуваат вакви инциденти мора да лаже и да ги злоупотребува. СДСМ треба да собере сили и да ги отфрли уцените кои внесуваат тензии меѓу граѓаните и носат ризик за дестабилизација на земјата“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Демократски сојуз, пак, смета дека демократско право е да се демонстрира, тоа никој не може да го спори, но да се напаѓаат и спречуваат новинари во извршување на своите професионални задачи, сметаат тие, е акт на насилство и тоа мора да престане.

„Државните институции да преземат ефикасни мерки и сите кои потикнуваат и повикуваат на насилство мора за тоа да понесат одговорност. Силната манипулативна медиумска кампања дека Македонија се разнебитува, федерализира, дека ќе се промени името на државата и идентитетот, е инструмент за потикнување на немири од пошироки размери. Досега ниту политичка партија ниту лидер на партија дал изјава дека се залага за федерализација, кантонизација, промена на уставното име на државата или дека е за воведување двојазичност како основа за поделба на Македонија и сличнои“, соопшти Демократскиот сојуз“,

Оттаму повикува на разумно однесување и да не се потпаѓа на манипулации кои се во функција на дестабилизација и нарушување на нормалното одвивање на животот.

Партијата Левица физичкиот напад врз новинарите го гледаат како напад врз слободата на изразување и јавно информирање, кои велат се темелни вредности на нашата земја. Бараат одговорност од полициските службеници за кои сметаат потфрлиле во одржувањето на јавниот ред и мир при протестот, но и од организаторите на протестот кои неуспешно ги отстраниле насилниците.

„Не смееме да го игнорираме фактот што на протестите неретко се забележуваат националистички извикувања и симболика, со што се делигитимира нивната декларативна заложба ‘За заедничка Македонија’. За кукавичкиот и вандалски напад врз новинарите мора да има одговорност“, забележуваат Левица.

Осуда за инцидентот стигна и од иницијативата „За заедничка Македонија“ , која е иницијатор на вчерашниот и завчерашниот протест. Го осудија инцидентот и апелираат на избегнување и воздржување од провокации од секоја страна и од секој поединец.

„Ги повикуваме надлежните институции да ги пронајдат сторителите со цел да се откријат вистинските мотиви и позадината на истиот. Ние сме тука за Македонија, за Заедничка Македонија, и од тоа нема да отстапиме“, рекоа од иницијативата.

Инаку, дел од медиумите информираат дека Тодевски и Желчевски, кои беа нападнати од зад грб во близина на „Порта Македонија“, денеска се пуштени на домашно лекување. Истовремено, МВР привело осомничени насилници, а А1он најави тужби.

Б.Ш.

Фото: А1он