Меѓу граѓаните се шири лажен е-мејл кој е направен за да изгледа како да е испратен од Министерство за здравство.
Мејлот е насловен како „Потребна е акција: Еден од вашите контакти е Covid-19 позитивен“ и во него се бара од луѓето кои го примиле да ја отворат датотеката за да „проверат дали се тестирани“, со закана дека доколку не го сторат тоа „следува апсење и гонење“.
Од Министерството за здравство информираат дека мејлот е лажен и дека за ова е известен Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, кој веќе постапува за овој случај.
Иако сликата во потпис е преземена од Министерството за здравство, сепак адресата од која е испратен мејлот покажува дека станува збор за некаква измама. Мејлот на испраќачот на оваа порака е „invitations@gmail.com“, додека официјалните мејлови на Министерството за здравство завршуваат со „zdravstvo.gov.mk“.
Дополнително, во мејлот е прикачен фајл со наслов „PDF“, кој е сепак во формат на извршна датотека, што наговестува дека станува збор за вирус или малициозен софтвер за кражба на некакви податоци. Најпосле граматичките грешки во текстот на мејлот наговестуваат дека станува збор за мејл кој е автоматски преведен на македонски јазик од странски јазик.
„Апелирам до сите да не потпаѓаат на оваа манипулација. Официјалната е-маил адреса на Министерството е: contact@zdravstvo.gov.mk. Ширење лажни информации, особено во овие кризни времиња, е опасно за здравјето и безбедноста на граѓаните и штетно за целото општество“, напиша Министерот за здравство, Венко Филипче.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.