Лекари протестираат и бараат построги закони откако нивна колешка беше силувана и убиена во болница во Индија

Стотици лекари протестираа денеска во близина на индиското Министерство за здравство барајќи построги закони за заштита на здравствените работници од насилство и правда за нивната 31-годишна колешка која била силувана и убиена во болница во градот Калкута на 9 август, пренесува Н1.

Тие протестираат повеќе од една недела и одбиваат да примаат пациенти кои не се итни случаи. Исто така, се трудат да воспостават бесплатни амбулантски услуги за пациентите пред Министерството, меѓутоа спречени се од полицијата.

Полициски волонтер кој работел во болницата бил уапсен и обвинет за злосторството, но семејството на жртвата тврди дека се работи за групно силување и дека биле вмешани повеќе луѓе. Федералните истражители го водат случајот.

Лекарите кои протестираат велат дека нападот ја покажува ранливоста на медицинските лица и здравствените работници во болниците низ Индија. Тие бараат построги закони за да ги заштитат од насилство, вклучително и секој напад врз лекарите да биде прекршок без кауција, зголемена безбедност во болниците и безбедни места за одмор.

Владата побара од лекарите да се вратат на работа и рече дека ќе формира комисија која ќе ги разгледа нивните барања.

Силувањето и убиството на докторката го фокусираа гневот и на хроничното прашање на насилството врз жените во Индија. Полицијата забележала 31.516 пријави за силување во 2022 година, што е скок од 20 отсто во однос на 2021 година, според Националното биро за евиденција на криминал.