Здружението на лекари специјализати (ЗЛС) испрати отворено писмо до премиерот во однос на мобилизацијата на специјализантите во Ковид-19 центрите, со реакција дека се без здравствено осигурување и со неплатени дежурства. Писмото го објавуваме интегрално:
„Ви се обраќаме ние специјализантите преку отворено писмо до јавноста, бидејќи вистината не смее да се премолчува. Здружението на лекари специјализанти ЗЛС сака да потенцира дека во време на кризни моменти за македонското здравство и општеството воопшто, кога се соочуваме со скоро исполнети болнички кревети и исцрпен кадар, секој специјализант посакува да му се овозможат хумани услови за да може да се приклучи на борбата и со тоа придонесе кон унапредување на здравствената состојба на пациентите. А од друга страна да спречи колапс на здравствениот систем, што е особено значајно во овој момент.
Уште еднаш апелираме до Вас и пошироката јавност дека е спротивно на основните човечки приципи да се побарува специјализант без здравствено осигурување да работи во Ковид центар. Правото на живот и здравје е загарантирано со конвенција за човекови права, а приватните специјализанти не треба да бидат исклучок од тоа. Сечиј труд треба да биде признаен преку негова адекватна валоризација.
Во име на тоа мора да има платени дежурства за секој специјализант до крајот на специјализацијата. До кога Државата и Министерството ќе дозволуваат и толерираат специјализантот да биде поставен на маргините на здравствениот систем? До кога ќе биде потребно јавно да апелираме за стекнување на основните права и услови кои ни следуваат? Не претставувајте не пред општеството како да бараме премногу. Запомнетe, ние го бараме само основното.
Приватните специјализанти, потребно е да лечат пациенти во јавно здравствените установи, но доколку тие самите станат потенцијални пациенти, тогаш за нив јавното здравство не постои. ЗЛС уште од мминатата година изработи неколку симулации на буџет за дежурства кој ги опфаќа сите државни и приватни специјализати и истиот на месечно ниво изнесува нешто помалку од 25 илјади евра, сума која не би го оптоварила ФЗОМ.
Не помалку важно во оваа ситуација е и непостоењето на јасни критериуми кои ќе ги регулираат категориите на лекари специјалзанти кои од оправдани причини би биле изземени од работа во Ковид-19 центрите, како што е тоа случај со специјалистите. Во тој контекст, мора да се дефинираат јасни насоки за тоа кои категории на лекари се иземени од работа во Ковид-19 центрите и истите би биле ангажирани во зелените зони.
Овозможете ни да им помогнеме на нашите пациенти и истоштениот систем, рамо до рамо со останатите колеги. Се надеваме дека од Вас, г-дин Зоран Заев ќе наидеме на слух и разбирање и заеднички ќе ги решиме овие горливи проблеми еднаш засекогаш.“ стои во писмото.