Лекарската комора на нивната веб-страница, со одлука на Извршниот одбор, објави информација за доктори кои се носители на важечки лиценци за работа, со цел, како што велат, да се подобри транспарентноста во работењето и безбедноста на пациентите. Листата содржи информации за име и презиме на докторите, нивната специјалност, бројот на лиценца и датумот на важност.
Таа е јавно достапна и сите заинтересиран правни и физички лица може да проверат дали одредено лице е носител на лиценца за работа на доктор.
„Обезбедувањето на јавна достапност на овие информации очекуваме дека ќе ги обесхрабри обидите за непочитување на правните прописи со кои е регулирана докторската дејност“, велат од Лекарската комора.
Објавените податоци, како што посочија оттаму, се добиени од Регистарот на издадени, обновени и продолжени лиценци што го води Комората.
Листата е најавено дека ќе се ажурира на секои четири месеци со нови податоци за издадени, обновени и продолжени лиценци.
„Комората упатува препорака до здравствените установи пред да реализираат ново вработување преку јавно објавената листа да проверат дали докторот има важечка лиценца за работа. Проверка имаат можност да прават и медицинските факултети за запишување на специјализации, супспецијализации и за други потреби како и сите надлежни институции кои во вршењето на своите надлежности, имаат потреба да потврдат дека некое лице е носител на важечка лиценца за работа на лекар“, велат од Лекарската комора.
Оттаму истакнаа дека вакви информации објавуваат и коморите во другите држави од регионот како Србија, Хрватска, Словенија како и западноевропските држави.