По повод одбележувањето на Светската недела на имунизација, чие мото оваа година е „Долг живот за сите“, од Лекарската комора (ЛК) истакнуваат дека поради пандемијата и засиленото антивакцинално движење, забележан е пад во опфатот со редовната вакцинација.
„Тоа се забележува особено со МРП вакцината во нашата земја, поради што е потребен заеднички ангажман да се врати неопходниот опфат од 95 проценти со кој се смета дека е постигнато задоволително ниво на колективна заштита“, се вели во обраќањето на ЛК.
МРП вакцината е вакцина против морбили, рубела и паротитис.
Дополнително, од Лекарската комора велат дека здравствените политики треба да ги поддржат здравствените работници и во континуитет да обезбедат еективни, транспарентни и објективни информации за јавноста и да се борат против лажните и погрешните информации.
„Вакцините се безбедни и ефикасни, тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони животи секоја година. Лекарите и здравствените работници преку подигнување на нивото на здравствена едукација за придобивките од вакцинацијата и преку споделување на факти засновани на научни докази креираат позитивно општествено окружување за зголемување на опфатот со вакцинацијата“, нагласуваат оттаму.
Од Лекарската комора посочуваат дека редовната имунизација е нарушена поради пандемијата од Ковид-19, а постои и ризик кој доаѓа поради бегалската криза предизвикана од воениот конфликт во Украина каде се смета дека опфатот со вакцинација е помал во однос на другите европски земји.
Комората, која е член на Постојниот комитет на европски лекари (CPME) и Коалицијата за вакцинација ги поддржува барањата и повика:
- редовната вакцинација да се смета за приоритет за сите возрасни групи, особено за децата
- возрасните, особено ризичните групи и постарата популација да се вакцинираат со бустер доза против Ковид 19, како и да се зголеми опфатот со оваа вакцина кај адолесцентите и децата
- да се обезбеди бегалската популација, особено децата, да добијат лесен пристап до вакцинација
- да се помогне на здравствените работници да започнат кампањи за вакцинација и да се поддржи зголемувањето на опфатот со редовна вакцинација кај бегалската популација и населението на земјите кои прифаќаат бегалци.