Лекоски: Нема потенцијал кај властите за да се помогне градот на културата

Градот Охрид беше град на културата пред еден милениум, а сега, од култура нема ништо. Од државната и локалната власт има нула потенцијал за да се помогне, да опстои како таков град. На овој начин, 21-годишниот студент Ристе Лекоски од Охрид ја опишува културната сцена во градот под Самуиловата тврдина, во разговор за „Пина“ пред почетокот на алтернативното културно лето.

Младиот студент кој е дел од охридската Културолошка иницијатива „5 до 12“, во интервју за „Пина“ вели дека најголемиот проблем е што нема поттик за младите уметници да се појават на сцената. Односно, тој појаснува дека, доколку се појави некој нов уметник, нема никаква национална институција што ќе го прифати, и како што вели, ќе го истакне „надвор“ за сам да продолжи да работи и да изгради кариера.

Според него, градот останува со таков епитет, само поради, како што вели „мало конче поради поединци што се трудат тоа да го направат“, односно, уметници, поети, што се нашле во Охрид.

„Од страна на локалната, државната власт, нема никаква институција во Охрид што ја развива културата. Еве, евентуално театарот во Охрид е нешто што, редовно, ама не толку активно придонесува, односно организираат претстави. Нема ништо друго како клуб, како нешто што активно ќе се работи, што ќе има меѓусебна кохезија меѓу уметници, на едно место што ќе се собираат“, објаснува Лекоски.

Покрај заложбите за кои тој вели дека се потребни од страна на властите, смета дека и самите уметници треба да се заангажираат и да имаат свои претставници во државата.

„Кај нас на пример, никој не сака да се занимава и замара со ‘целото’, туку секој сака приватно да си гледа за себе и секој се буни само за себе. Ама, ретко кој сака да се вклучи, да одвои време, свои ресурси за да постигнеме нешто заедно. Тоа е затоа што секоја цел на секој проект, еве во областа на културата, претежно се сведува преку музичките концерти, да се оствари профит“, додава тој.

Културната иницијатива во која Лекоски активно придонесува, на долг рок има за цел да се отвори младински културен центар во градот.


Еден од главните настани на кои тие работат е ткн. Алтернативно културно лето, а според Лекоски, настаните кои ги организираат се големо освежување за градот.

Истовремено, тој вели дека иницијативата наишла на голема поддршка од младите, но од друга страна истакнува дека младите се многу затворени, како и дека тие тешко прифаќаат нови патишта и нови видови на настани.

„Ние знаеме дека тие се заинтересирани за настаните, ама од некои, не знам кои причини, не присуствуваат на некои настани, одредена група на млади зборувам. Додека пак, имаме некои млади што ги сметаме дека се отворени, што ги сметаме дека прават нешто надвор, што има жар во нив. Е сега, тоа се истите млади што волонтираат во сите организации што се во Охрид. На пример, истите млади што се во Црвен Крст, што се во еколошки здруженија, што работат со лица со посебни потреби, што волонтираат едноставно, истите тие млади се кои волонтираат и кај нас, кои ја даваат поддршката, односно кои сакаат да придонесат градот да го добие новото лице, односно да стане европски град на културата“, објаснува Лекоски.

Тој вели дека иницијативата е отворена за сите, а не само за тимот кој моментално стои зад неа, додавајќи дека секој што има желба и слободно време може да се вклучи во иницијативата.


„На Фејсбук имаме една група, што сакаме да ја создадеме заедница. Тоа од надвор се постира на страницата на Фејсбук, ова е група посебна за луѓе што сакаат навистина да се вклучат, да ја дадат критиката, и што сакаат и да остварат нивна цел преку нашата иницијатива“, вели Лекоски.

Во меѓувреме течат подготовките за настанот алтернативно културно лето кое во организација на иницијативата годинава треба да се одржи по трет пат.

Настаните воглавно се слични како и претходните години, вели Лекоски кој истакнува дека целта на овогодишното издание е да се подигне квалитетот на настаните кои се одржуваа.

„Првата година имавме премногу настани кои не можевме доволно добро да ги организираме, да бидат на повисоко ниво. Еве, тоа ни беше поука од минатата година,
организиравме помал број настани, ама сепак тие беа на многу, многу повисоко ниво. Посебно летното кино со автомобили кое беше на врвно ниво на организација, без никаква грешка, и такви беа и критиките“, вели тој.

За ова лето, предвидено е да се одржат настаните како „Free spirit day“, наменет за подигнување на урбаната култура на скејтерите, блејдерите и бајкерите.

Потоа, настанот насловен „Wake at lake“ кој всушност претставува кафе-дружба на старото пристаниште во Охрид во раните утрински часови, како и летното кино со автомобили и едриличарска регата „Sail O’Clock“.

Младиот Лекоски кој културолошката иницијатива ја опишува како „почеток на подигање на културната свест во Охрид, со организирање настани, а со цел формирање институција – младински културен центар“, објаснува дека ваквите настаните кои тие ги организираат за време на летото, но и слични на нив, сакаат да се случуваат во текот на целата година.

Па оттука, тој ја гледа и потребата за таков простор, каде се надева дека би се реализирале и бројни работилници, но и кој би бил опремен со работи кои би можеле да ги користат младите охридски ентузијасти.

Мартин Колоски

Пина