Кинескиот гигант Lenovo, по неколку промашени преземања на пропаднати ривали, конечно размислува за мудра аквизиција, односно планира да го купи тајванскиот HTC, објави South China Morning Post.
Lenovo бележи константен раст на кинескиот пазар на паметни телефони, но сепак неговите уреди се уште не се глобално достапни, па оваа аквизиција би можела да му помогне во тоа. Аквизицијата би била корисна за двете страни, а доколку преговорите бидат успешни, конечниот исход се очекува на почетокот на следната година, пренесува Бизнис инфо.
HTC неодамна го објави последниот квартален извештај, според кој бележи загуба од 100 милиони долари. Во однос на кварталот претходно, приходите се помали за 750 милиони долари.
Последниот негативен резултат е последица на неуспешниот обид со моделот HTC One да вратат дел од корисниците. Според аналитичарите, иако продажбата оди солидно, тоа не е доволно да се поправат финансиските резултати, затоа што маркетинг и производствените трошоци ги надминуваат приходите од продажбата.
Претходно HTC најави дека ќе отпушта 20% од вработените во американските подружници. HTC глобално вработува 17.000 работници.