Здружението на Украинците во Македонија „Лесја Украинка“ утре (недела, 6 март) најави протест на централниот скопски плоштад „Македонија“, каде ќе се протестира против руската инвазија во Украина.
Собирно место е споменикот „Воин на коњ“ од 14 часот.
„Ги повикуваме сите свесни луѓе да го изразат својот револт против војната и безграничната суровост од страната на Русија кон Украина и да се приклучат на протестниот марш“, велат од Здружението на Украинците „Лесја Украинка“.
Исто така, „Лесја Украинка“ потенцира дека на плоштадот секој ден ќе се собира хуманитарната помош за Украина, за што ќе биде поставен шатор.
Украинците кои живеат во земјава минатата недела иницираа протест пред руската амбасада во Скопје, каде повикаа на дипломатско решавање на несогласувањата помеѓу двете држави.
„Сакаме да веруваме во мирен начин на решавање на проблемот“, рече Александар Орбанович, претседател на Здружението на Украинци.