Најавувана уште од 2018 година, комунална полиција на Град Скопје остана само на хартија. Предложениот текст за закон за комунална полиција заглави на линија Град Скопје-владини институции и по неуспешната партија пинг-понг, сега идејата чека подобри времиња и политичка волја. Истовремено, градските и општински инспекторати се согласни дека е потребен ваков орган, тврдејќи дека имаат малку луѓе и надлежности, а многу работа на терен со отпад, узурпирање и уништување јавен простор.
Актуелниот систем не функционира
„Со моето доаѓање во Инспекторатот на Град Скопје, се соочивме со бројни проблеми на терен. Од неможност за легитимирање на лица-сторители, ‘врзани раце’ на инспекторите, некоординација со општинските и државните инспектори… Затоа, направивме текст, своевиден предлог-закон за комунална полиција, кој потоа го пративме до неколку министерства. Дел ни вратија аргументирани забелешки, некои воопшто не вратија“, раскажува раководителот на Инспекторатот на Град Скопје, Мирослав Богдановски.
Со Богдановски се сретнавме во неговата канцеларија. Не’ пречека во една од бараките кај Градски парк. Зборуваше на телефон, договараше некоја акција на депониите. Тој тврди дека на овие „црни точки“ и воошто низ Скопје често се напаѓани неговите луѓе.
„Имавме закани овде во паркот. Им се јавувам на полицијата, ми велат ‘Господине, полицајците се на терен, да завршат и ќе се вратат’. Тоа беше пред три дена, уште се немаат јавено. Имавме и напади на Вардариште… Сега имавме и напад на редари кај Смиљковци. И, сега? Што да правиме?! Од една страна немаме одредени ингеренции, а од друга треба да чекаме полицаец за легитимирање. Не само нас како Инспекторат, туку како граѓани ни треба комунална полиција“, вели тој.
Според него, комуналната полиција би ја олеснила и убрзала работата за ставање ред во градот. Комуналните полицајци би биле добредојдени и на расположливиот арсенал на Инспекторатот, кој моментално е со седум возила и вкупно 56 луѓе, од кои 15 комунални инспектори и 14 редари за цело Скопје.
Примери од регионот
Оттука, искуства се собирани и разгледувани од соседството, посебно од Белград кадешто во просек има еден комунален полицаец на 5.000 жители. Комунална полиција постои и во Подгорица, додека во Тирана е формирана „општинска полиција“.
Локални полициски органи има и низ други европски земји и воопшто низ светот. Обично се финансирани од локалниот буџет и во одредени случаи имаат помалку овластувања од националната полиција. Најчесто се формираат токму за да се олесни работата на полицијата. Во Германија има градска полиција, во Словачка и Турција општинска полиција, во Полска е местна стража, Словенија – градски контролори, а во Литванија имаат Оддел за јавен ред.
Во Македонија, според предложеното решение, комуналните полицајци би биле опремени со лисици, би имале овластувања за опомени, проверки на идентитет, до претрес, привремено одземање на предмети и приведување.
„Покрај овластувањата, да пише и казна, да поднесе барање за поведување прекршочна пријава до инспектори и да ги извести другите органи да преземат мерки. Ако текстот за комунална полиција помине низ сите инстанци, министерства, потоа треба да оди во Собранието“, вели Богдановски.
Каде „заглави“ идејата за комуналната полиција?
Формирањето комунална полиција е впишано во Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП 3) на Град Скопје за 2020-2026 година. Ваков орган е најавен и во Програмата на Владата за 2022-2024.
„Ќе формираме систем на комунална полиција на локално ниво, со посебен закон, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и еко-патроли заеднички да преземаат мерки против сторителите на штетните активности“, се вели во владината програма.
Сепак, од Владата за ова прашање не’ препратија во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Тие, пак, тврдат дека во 2021 година е инициран предлог-закон од Град Скопје, но доставен само во вид на иницијатива и препратен до неколку министерства.
„Од тогаш нема активности во однос на иницијативата, и не е доставен во форма на предлог-закон на кој би дале мислење. Инаку се работи за областа комунални работи која не е директна надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, односно МЖСПП. Како област, комуналната сфера влијае врз животната средина, но регулаторно делот за комунални работи е во Министерството за транспорт и врски (МТВ) каде постои посебен сектор за станбено-комунални работи и инфраструктура, исто така орган во состав на МТВ е и Државен комунален инспекторат“, одговараат од Министерството.
Оттаму се децидни, во рамки на секоја од ЕЛС постојат овластени комунални инспектори и комунални редари, како и посебни сектори за комунални работи кои го спроведуваат и Законот за јавна чистота, Законот за зеленило итн.
„Значи поделени се ингеренции и регулирање на областа во повеќе закони“, посочуваат од Министерството за животна средина.
Од Министерството за транспорт и врски тврдат дека до нив, до овој момент, нема пристигнато барање за доставување предлози за формирање комунална полиција во Град Скопје. Министерствата за внатрешни работи и за правда не ни‘ одговорија на прашањата околу идејата за воведување комунална полиција.
Мали казни, многу прекршоци
Се обративме и до скопските општини. Пет од шестте контактирани локални самоуправи гледаат потреба да се формира градска комунална полиција. Аргументите се движат од тоа дека се зависни од МВР, имаат потешкотии за легитимирање, честа мета се на напади, па се’ до недоволна екипираност, мал буџет и ниски казни.
Дел од општинските и градски инспектори со кои поразговаравме, се чудат како може казната за сечење тридецениско дрво да биде 50 евра. Укажуваат дека се несразмерни глобите за физички и правни лица, а некои реагираат и дека МВР слабо учествува во делот во Законот за јавна чистота, иако нивните луѓе се најбројни и имаат свои ингеренции.
Еден од луѓето што има искуство на терен е Дејан Димитровски, активист и екс советник од Гази Баба. Заедно со редари и инспектори има одено крај Вардар, по депонии или кај инсталации-загадувачи. Сведочи за палење, или истурање отпад, посебно кај Вардариште, каде инспекторите тешко казнуваат, бидејќи сторители се и лица без документи.
За него нема сомнеж дека казните се мали. Пример, вели тој, затекнуваат човек како истура со шут со камион, но сторителот им се смее.
„Вика ‘слободни пиши казна, ќе платам 50 евра, кога ќарот ми е 200 евра’. Значи, профитот на сторителот е двократно или трикратно поголем од казната. Има многу проблеми, законски неусогласувања, подложност и на корупција, додека на комуналните редари мора некој да им се смилува да им даде документ. Затоа мислам дека комунална полиција е повеќе од потребна, бидејќи постоечките закони не даваат можност на терен. Ама, независна комунална полиција со одбранбен механизам од влијанија, пријатели, партии“, вели Димитровски.
Отпадот – еден од најгорливите проблеми за решавање
Минувачите и туристите во Скопје тешко можат да избегаат од сликите со преполни контејнери што се „прелеваат“ и со отпад расфрлан низ јавните површини. Често се среќаваат запалени и демолирани садови за отпад. Од друга страна, контејнерите знаат да бидат блокирани од коли на сопственици што „се враќаат за пет минути“.
Во ваква ситуација, иницијативата #НеБидиЃубре изминативе години реши да ја земе ситуацијата во свои раце и да поттикне дискусии на социјалните мрежи за културата на скопјани.
„Првата метла“ на #НеБидиЃубре, актерката и активистка Ирена Ристиќ, вели дека Македонија има потреба од комунална полиција уште одамна, а тоа им го потврдува нивното долгогодишно искуство на терен.
„Во прво време, таа би реагирала и за фрлен отпушок од цигара во центарот на градот до истурен камион шут некаде попатно“, посочува Ристиќ.
Според неа, мора итно да се започне со агресивна едукација и строго казнување. Секако, вели таа, едукацијата е за децата, казните се за возрасните.
„Не постои сила која ќе ме убеди дека возрасен човек не знае каде се фрла ѓубре од каков било тип. Дополнително, работата со службите затајува од само една причина – исконска мрзеливост. Сè друго имаме! И пари, и механизација, и логистика… Само треба да се почне. Некој треба да каже ‘Ајде’“, потенцира Ристиќ.
Според Државниот завод за статистика (ДЗС), во Македонија во 2021 година се собрани 632.087, а создадени 896.066 тони комунален отпад. Ова значи, скоро четвртина од отпадот, 260 тони, не е собран, односно нема информации каде завршува. Најмногу има собрано во Скопскиот регион – 176.917 тони, или 28% од вкупното количество.
Пред една деценија, секој човек во просек во земјава генерирал по 382 килограми отпад. Сега, годишно секој од нас создава по 452 килограми отпад. Во Скопје во 2021 вкупно биле создадени близу 180.000 комунален отпад.
За разлика од ДЗС, од „Комунална хигиена“ за 2021 имаат евидентирано 166.678 тони комунален отпад – собран и транспортиран од Скопје и руралните средини.
Според портпаролката на „Комунална“, Ана-Марија Бранѓолица, лани нивната еко-патрола изготвила 1.359 едукативно-информативни записници за лица/правни субјекти затекнати како го прекршуваат Законот за јавна чистота и Законот за управување со отпад.
„Еко-патролата нема надлежност да ги санкционира граѓаните, туку само да ги едуцира и информира. Имајќи предвид дека од година во година количеството неправилно одложен отпад на јавни површини драстично се зголемува, секако ја поздравуваме идејата за формирање комунална полиција, која би имала поширок спектар на надлежности и на тој начин поделотворно би го превенирале и спречиле неправилното одлагање на отпадот“, посочува Бранѓолица.
Објаснува, сè уште важат и термините за одлагање отпад испишани на самите контејнери, па сугерираат за нивно почитување, бидејќи и во овој дел немаат ингеренции да казнуваат. Истовремено, претпријатието регистрира т.н. црни точки – критични локации во Скопје каде континуирано се создаваат диви депонии, па и тука гледаат можност да помогне евентуалната комунална полиција.
Може ли Законот за инспекциски надзор во животна средина да ја пополни „дупката“?
Во склоп на нашата комуникација за комунална полиција, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) се осврна и на новиот Законот за инспекциски надзор во животната средина, кој тие го изработија.
„Тој неодамна е усвоен од Собранието и со него самото инспекторирање во животната средина е унапредено и е воспоставена многу подобра соработка меѓу инспекциските служби на национално и локално ниво“, велат од МЖСПП.
Носењето на законот беше добредојдено од еколошките организации. Сметаат дека со него се направени чекори, но сепак реагираа зошто не се прифатија 23 нивни амандмани.
„Законот претставува добра основа. Овозможува меѓуопштинска соработка, тоа го зборевме и на амандманската расправа на која се обидувавме да присуствуваме. Меѓутоа, баравме надзорот над работата на локалните инспектори за животна средина да не биде од некоја Комисија при МЖСПП. Тоа е слаб контролен механизам, што остава простор министерот да ја назначува Комисијата. И, тоа за нас остави простор за сомневање. Треба јасно и гласно да бидат назначени институциите кои ќе делегираат претставници во Комисија. А, тука пред се’ мислевме на Инспекцискиот совет, кој по закон доделува и одзема лиценци на инспектори“, забележува Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија „Флорозон“
Лилјана Поповска од Зелен институт посочува дека побарале инспекторатите да добијат можности за техничко-технолошки развој.
„Да имаат возила, опрема, дополен број вработени. Секоја општина да биде покриена со инспектор за животна средина. Сега една третина, односно мал број општини имаат потребни инспектори. Не смее да има ‘дупки’. Има цели подрачја кои никој не ги контролира на локално ниво“, забележува Поповска.
Сепак, таа смета дека комунална полиција, засега во оваа фаза, не би ја покрила „дупката“. Тоа, според неа, би било нов трошок, нова компликација. Во Македонија, генерално во слабите држави, проблем гледа во координација меѓу институциите.
„Во состојба на слаби институции, самото формирање нови институции ќе создаде уште поголем хаос и немање чувство за тоа која институција за што е компетентна. Во овој момент, треба да се зајакне законов, нормално да профункционираат инспекциите, со многу повеќе инспектори, со посериозна контрола и координација со полицијата, обвинителството и другите инспекторати. Мислам дека тоа е суштината“, смета Поповска.
Јасно е дека во Македонија постои недоволна свест кај голем дел од граѓаните за потребата од заштита на природата. Затоа е потребно да има континуирана едукација на младите генерации кои треба да се научат да се грижат за околината во којашто живеат. Истовремено, неопходно е да се зголеми контролата и да има поригорозни санкции за несовесните постапки на возрасните. Комуналната полиција е најверојатно добар модел за подобрување на состојбата, но и таа би била бесполезна доколку стане параван за партиски вработувања и неработење.
Автор: Бојан Шашевски
Техничка обработка: Даниел Евросимоски
Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Дома“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со „Радио МОФ“ во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.