„Летечки пекинезери“ го промовираа својот нов албум „Dog show“

Македонскиот свинг-џез квинтет „Лeтечки пекинезери“ синоќа во скопскиот клуб Менада го промовираше својот втор студиски албум, Dog Show. Љубителите на бендот ја имаа честа премиерно да ги слушнат новите композиции во живо, но и да уживаат во досегашниот опус на македонските џезери.

Преполн локал, добра музика и вистински љубители на џезот – вака наједноставно може да се опише атмосферата на синоќешната промоција на новиот албум на „Летечките пекинезери“. По краткото „Добредојдовте“ и претставувањето на бендот, започна долоочекуваната презентација на новиот материјал на Пекинезерите. И покрај големиот метеж и тешкотијата да се стигне до шанкот за пијачка, оние кои навистина ја сакаат нивната музика уживаа во несекојдневната вечер.

Dog Show е втор албум на Летечки пекинезери и е составен од 11 нови композиции. Бендот составен од Бојан Петков – гитара, Иво Солдатовиќ – кларинет, Петар Христов – тенор саксофон, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Славчо Коцев – тапани за Dog Show соработуваше со Ален Хаџи-Стефанов, а е издаден под етикетата на СЏФ Рекордс.

Инаку, „Летечки пекинезери“ минатата година учествуваа на интернет натпреварот Made in New York, каде ја изгубија битката за снимање албум во њујоршка продукциска куќа во последниот ден, со мала разлика во гласови со победникот. Сепак, тие продолжуваат да го збогатуваат својот музички опус и да прават добра музика.

С.Т.