Од 23 до 28 август Струмица ќе биде домаќин на млади изведувачи на класичната музика од Македонија, Бугарија, Србија, Косово и Албанија.
Во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе се одржи летен музички камп на дувачки инструменти. Еминентни музички професори ќе држат часови за повеќе дувачки инструменти флејта, хорна, труба, како и за камерна музика.
„Започнавме од Дојран пред две години, а втора година ќе бидеме во Струмица. Основата беше трубата и хорната. Добивме еден голем ентузијазам кај нас бидејќи се пријавија доста кандидати кај нас првата година, деца кои немаат образование во тој контекст, односно во тој смер на нашите инструменти и кога почнавме да ја изведувавме наставата тогаш имавме поддршка од градоначалникот на Дојран, работевме под едни партизански услови и навистина си поминавме супер и на завршниот концерт имавме голема посетеност и навистина направивме еден прекрасен почеток“, вели професорот на Факултетот за музичка уметност, Александар Гошев за порталот СтрумицаНет.
Стартот на овој летен камп ќе биде означен со концерт во петок од 20 часот. Учесниците за време на петдневниот семинар ќе одржат повеќе концерти на различни локации во градот.