Македонските студенти во летните периоди и натаму ги користат можностите за работа во странство. Програмата „Work and Travel“, која нуди работа и престој во САД. Студентите сакаат да го искусат американскиот начин на живот, работа и култура и да видат што е тоа што ја прави Америка да биде едно од најпосакуваните места во светот.
Студентите велат дека воопшто не им е тешко да се снајдат во различната средина и приспособувањето им оди одлично, без разлика каде се наоѓаат и што работат.
Оливер Налбантов, студент на Економскиот факултет, кој во моментот работи на брод во Масачусетс, вели дека неговите очекувања од летната програма „Work and travel“, целосно се исполниле.
„Не е тешко да се снајдеш, јас сам дојдов и се снајдов подобро отколку во Скопје. Културата и луѓето се поразлични, воопшто не е исто како кај нас. Парите ми стигнуваат, но и трошоците се големи бидејќи овде стандардот е поголем. Сепак, работењето и конверзацијата со луѓе од целиот свет е незаменливо искуство“, вели Налбантов, кој работи како келнер.
Андрија Нунев, студент на Правниот факултет кој е во Мејн, САД, вели дека има нормални трошоци, кои ги покрива со платата која е повисока.
„Работам во Мекдоналдс и во Бургер Кинг и имам нормални трошоци. Цените се дупло поголеми од Македонија, но и платата е поголема, така да не е страшно. Ми се исполнија очекувањата кои ги имав од програмата за летна работа“, додава тој.
Сепак, не се сите студенти кои се пријавиле на оваа програма презадоволни од неа. Некои велат дека парите кои се заработуваат за време на летната работа, едвај им стигнуваат за покривање на основните трошоци како киријата, храната и сметките.
Марко Јованов, студент на Филозофски факултет, кој исто така е во Масачусетс и работи во супермаркет, вели дека работата не е тешка, но и заработката не е многу голема.
„Работам осум часа во маркетот, воопшто не ми е тешко, имам пауза од еден час за ручек. Сепак, парите од платата стигнуваат колку да се плати киријата, да се купи храна, а за себе останува по нешто ситно. Доколку некој е љубител на излегувањето по клубови и барови, тешко ќе излезе на крај со средствата кои ги има на располагање“, додава Јованов.
Младите со кои разговаравме велат дека иако помислата за живот во Америка е примамлива, сепак засега не би се одлучиле да останат повеќе од предвидениот период и по завршувањето на програмата ќе се вратат во Македонија. За пријавување на „Work and travel“ потребно е апликантот да биде редовен студент на факултет, да има познавање на англискиот јазик, желба за посета и работа во САД, но и влог во програмата, кој се движи од 1500 до 2000 евра.
Дијана Јазаџиевска