По неколку месечното неработење на летните клубови во Скопје, поради спорот со институциите за неиздавање дозволи за работење, Здружението на скопски летни клубови денес информира дека е постигнат договор со Министерството за внатрешни работи, Град Скопје и Министерството за економија, по што се враќа скопскиот ноќен живот по полноќ.
„Младите во Скопје ќе ја имаат истата можност како младите низ Македонија и низ светот да се забавуваат, социјализираат во нормални и безбедни услови во летните ноќни клубови“, стои во соопштението.
Иницијативата „Сакаме ноќен живот во Скопје“ претходниот месец во јавноста соопшти дека ниту еден летен клуб во Скопје нема добиено дозвола за работење, по што беше на најавен протест пред Влада на 27 јули и беше одржана прес-конференција од Независната угостителска комора. Оттаму посочија дека Министерството за економија не издава дозволи, а Министерството проблемот го насочи кон Министерството за внатрешни работи. Од МВР се изјаснија дека барањата за работа на дискотеките во летните клубови се неиздржани поради немање имотни листови и сообраќајни проекти.
Неколку дена подоцна протестот беше откажан со образложение дека институциите се согласиле да ги слушнат барањата на летните клубови.