Геј лицата од другите етнички малцинства, а особено од тие кои ги карактеризира висока религиозност се соочуваат со голема дискриминација како и со психичко и физичко насилство, покажуваат резултатите од проектот „Етничка и родова вклученост во ЛГБТИ движењето во Република Македонија“ на Институтот за општествени и хуманистички науки.
Проектот претставува комбинација на неколку истражувачки методи со кои биле опфатени стотина ЛГБТИ лица во Македонија.
„Добиените податоци укажуваат дека секој од нив, без разлика конкретно на која група ѝ припаѓа, се соочува со некаква дискриминација затоа што е ЛГБТИ. Сите соговорници беа согласни дека приоритетите на ЛГБТИ заедницата мора да се спроведат на три нивоа: промена на легислативата, медиумскиот третман како и зајакнување на самата ЛГБТИ заедница. Геј лицата од малцинските групи го наведуваа лицемерието во македонското општество односно осудата која ја доживуваат во рамките на сопствената заедница наспроти незаинтересираноста и „олеснувањето“ од членови на другите етнички заедници кои не се чувствуваат засегнати доколку не станува збор за „нивни“ членови“, се вели во анализата.
Професорката Катерина Колозова, вели дека ЛГБТИ лицата во Македонија бараат заштита на основите човекови права.
„Самото истражување покажува дека 60 отсто од испитаниците се против геј парада бидејќи се свесни за консеквенциите. Да зборуваме за остварување на номиналните права да, но за истпополови бракови е непотребно. Треба, пред се`, да се заштитат и спроведат основните права“, додава Колозова.
Според податоците од анкетите, лезбејките генерално немаат впечаток дека се повеќе дискриминирани како лезбејки отколку како жени во општеството, но сите го потенцираат несериозниот третман од околината придружуван со „притаената толеранција“. За разлика од нив, трансродовите лица се доживуваат како најобесправени лица во целата ЛГБТИ заедница, бидејќи постојано се жртви на предрасуди од околината како и на дискриминаторски однос од институциите.
Лезбејките и бисексуалките навеле бројни примери за насилство кон нив и нивни познанички поради сексуалната ориентација. Тие се согласни дека не се видливи и дека е време да се зајакне нивната позиција во самата ЛГБТИ заедница.
Како главен приоритет, испитаниците од сите групи ја потенцирале поголемата видливост, организираност и заедничко делување, како и тоа дека „сексуалната ориентација“ мора да се наведе како основа за дискриминација во постоечкиот закон.
Едногодишната студија „Етничка и родова инклузивност во ЛГБТИ движењето во Р.Македонија“ е реализирана со помош на Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија .