ЛГБТИ заедницата реагира – расте хомофобијата во Македонија

ЛГБТИ заедницата реагира - расте хомофобијата во МакедонијаРасте видливоста на ЛГБТИ луѓето во Македонија, но паралелно со тоа се зголемува и притисокот, говорот на омраза и нападите врз нив. Ова е заклучокот на ЛГБТИ заедницата по повод  17-ти мај, Меѓународниот ден за борба против хомофобија и трансфобија и бифобија. Отварањето на Центарот за поддршка го споменуваат како голем чекор напред,  а годинава оценуваат дека има напредок и во активизмот на граѓанскиот сектор во однос на овие прашања. Сепак, вели Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, сето тоа доведе до раст на хомофобијата во земјава, а состојбатата со сексуалните и здравствени права на ЛГБТИ луѓето во Македонија продолжува да се влошува.

„Не постои настан кој што сме го организирале, а некој од нас да не е истепан“, вели Цветковиќ и додава дека токму центрите на моќ во земјава , поддржани од одредени медиуми, се најгласни во ширењето на хомофобија во земјава.

Izjava na Irena Cvetkovik by Radio Mof on Mixcloud

Дополнително загрижува фактот што токму младите луѓе се најпогодени од хомофобичната атмосфера која се создава во македонското општество. Наместо да созреваат и растат во средина која ќе ги подржува во остварување на себеси, тие се борат со стигмата, отфрлањето, прекорите и притисоците, вознемирувањето од средината, семејството, врсниците, училиштата, вели Даниел Калајџиевски од „Хера“.

Izjava Daniel Kalajdzievski by Radio Mof on Mixcloud

Благодарение на организираната хомофобична кампања, а преку неа и со загревањето на хомофобичната и трансфобична атмосфера во општеството,  Македонија се најде на дното на „Мапата на виножитото“ велат активистите од ЛГБТИ заедницата. Со оваа мапа, која секоја година покажува колку се почитуваат правата на ЛГБТИ луѓето во европските држави, во 2012-тасостојбата во само 5 држави од Европа е полоша од таа во Македонија. Остатокот од Балканот, според ова истражување е далеку пред нас.

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против хомофобија и трансфобија и бифобија беше прикажан и краткиот филм направен од активистите на Хера  со наслов „Не ја дискриминирај љубовта“.

Ј.Ј.